Домашен рецепт: Како да направите органски јаболков оцет?
Јаболковиот оцет наоѓа голема примена во одржувањето на здравјето на организмот и негата на кожата. Тој најмногу се користи во кујната, при подготовката на бројни јадењата и рецепти, но може да се користи и како лек за најразлични болести и инфекции. Затоа е добро да го имате на дофат во секое време. Во тој контекст, погледнете како самите да направите домашен, органски јаболков оцет со само неколку свежи јаболка.
Потребни состојки:
- Свежи и измиени јаболка
- Вода
- Шеќер
Начин на подготовка:
Исечете ги јаболката, нарендајте ги во една стаклена или пластична тегла и ставете малку шеќер. Доколку користите кисели јаболка, тогаш додадете 1% шеќер на целокупната количина. Шеќерот е потребен за ферментација и него воопшто нема да го има во финалниот производ. Прелијте со вода, покријте ја теглата со газа и оставете да делува на собна температура од околу 20°C.
По 7-10 дена, ќе почнете да чувствувате мирис на киселина во просторијата во која ја чувате теглата. Бидејќи мирисот е јак, најдобро е да не ја чувате смесата во кујната или некое друго место каде често престојувате. По месец дена можете да пробате дали ви одговара киселоста на оцетот. Доколку сте задоволни и оцетот ви е доволно јак, тогаш можете да ја процедите течноста низ газата и да ја ставите во чисти и стерилизирани шишиња. Доколку не сте задоволни со киселоста, тогаш оставете да отстои уште неколку дена.