Рецепт за домашен хумус кој ќе го обожавате
Според некои извори, наутот (леблебија) потекнува од Египет и започнал да се користи во 13-ти век. Тој бил во изобилство на Блискиот исток и сè уште се употребува многу често. Всушност, зборот хумус значи наут на арапски јазик.
Познато е дека ова растение го чува срцето, го подобрува дигестивниот тракт, го намалува холестеролот и е добар извор на селен, на што се должат неговите антиканцерогени својства. Затоа, вклучете го на секојдневната трпеза, а со тоа ќе добиете и бројни здравствени придобивки.
Сигурно сте слушнале дека од наутот може да подготвите вкусен намаз – хумус. Хумусот е одлично решение кога брзате наутро и немате време за омлет или овесна каша. Тостирате лепчиња, сечкате домати и заедно со веќе готовиот домашен хумус, добивате брз и здрав појадок.
Денес имаме еден лесен и брз рецепт за домашен хумус, кој секој може да го подготви и да ужива во неговиот раскошен вкус!
Потребни состојки:
- 500 г наут (леблебија)
- 3 чешниња лук
- 100 г сусам
- 3 лажички сенф
- сол и бибер
- 1 лажичка сушен магдонос
- Маслиново масло
- Сок од 1 лимон
Начин на подготовка:
- Наутот потопете го во вода и оставете го да стои преку ноќ.
- Следниот ден измијте го и ставете го да се вари 40 минути.
- На тивок оган и без масло, пржете го сусамот.
- Потоа, блендирајте ги сите состојки: сусамот, наутот, магдоносот, сенфот, солта, црниот бибер, сокот од лимон и маслото.
- Ако смесата што ќе ја добиете е премногу густа, додајте малку вода, но не претерувајте.
- Ако сакате да бидете креативни и вашиот хумус да има поинтересен вкус, додајте други зачини, семе од тиква или сончоглед.
Погледнете ги и овие 3 совршени идеи за лесен појадок.