Долче и Габана, колекција есен/зима, 2014-15
На кристално чистите ноти од „Оревокршачка“ на Чајковски, со сценографија налик на магична шума, Долче и Габана ја претставија својата сопствена бајка, каде главната улога ја играа моделите – носителите на новата естетика.
На палтата од брокат во поголем број и туниките може да се забележат суптилните и крзнени апликации на шумски животни, што совршено се вклопуваат во целата атмосфера. Самовилите во долгите, брановидни фустани од шифон пак, како да лебдат на пистата, со кристални модни додатоци и многу романтичен тон. Класичните парчиња како црните костими или фустаните во форма на песочен часовник, претставуваат совршено надополнување и освежување во целиот концепт на колекцијата.
Голем акцент е ставен на шиењето, луксузните детали и фината обработка на надворешните и внатрешните слоеви. Материјалите кои се употребени варираат од кашмир, волна, крзно, па сѐ до тантела и светкави елементи. Моќни детали на колекцијата се везените ракавици, чизмите, дрвените чанти, везените чевли, кристалните додатоци за глава, кои одлично го заменуваат недостатокот од традиционален накит.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.