Долче и Габана, колекција есен/зима, 2013-14
Доменико Долче и Стефано Габана за оваа колекција се инспирирани од мозаикот во катедралата во градот Монреале, Сицилија. Катедралата во Монреале, била изградена помеѓу 1172-та и 1185-та, по наредба на норманскиот крал Вилијам II од Атавила. На горната половина на ѕидовите од катедралата, направени се златни мозаици, чија изработка траела дури еден век. Долче и Габана повикале локални уметници и експерти од Истанбул и Венеција за да го изнајдат значењето во вредното уметничко дело. Долче и Габана ги искористиле високите способности на уметниците за да ги пресликаат тие мозаици на чевлите, фустаните, накитот и чантите од колекцијата.
Најзастапена форма во оваа колекција е формата на песочен часовник и силуетите својствени за 40-те години од минатиот век. Што се однесува до материјалите, најупотребувани се: волната, природната свила, тантелата и пуплинот. Од дезените пак, најзастапен е карираниот дезен, мозаикот на природна свила и брокатот.
Златните круни и филиграните изработени со скапоцени камења се главните модни детали. Тука се и Агата-чантите направени во чест на главната светица на Катанија, светицата Агата. Чевлите содржат филигранска изработка, а на самите штикли изработени се и мозаици. Очилата, исто така, вклучуваат детали на филигран и мозаик.
Во продолжение погледнете дел од фотографиите за колекцијата есен/зима, 2013-14, на Долче и Габана.