До сите родители: Зошто треба да им читате на децата бајки, приказни и рецепти?
Несомнено е дека бајките се многу корисни за децата. Освен што се забавни, тие се и многу поучни. Кога на децата им читате или раскажувате бајки, вие го поттикнувате нивниот развој и им помагате полесно да ги изразуваат своите чувства и да составуваат цели реченици.
Што се однесува до раскажувањето, на децата тоа им е позабавно, бидејќи родителите ја менуваат интонацијата на гласот. На тој начин, покажуваат и повеќе емоции. Во текот на раскажувањето се прават гримаси, изразот на лицето е многу повидлив, а децата тоа го препознаваат и го прифаќаат.
Но, родителите понекогаш не можат да се сетат на ниту една приказна. Во тој случај, одлично можат да послужат сликовниците. Така децата повеќе се концентрираат на сликите, а вие не треба многу да зборувате. Поради фокусираноста на сликите, подобро се развиваат детската фантазија и креативност.
Многу е важно да разговарате со детето за да дознаете што повеќе сака и што најмногу го радува. Сликовниците треба да ги држите така што детето би можело активно да учествува и да гледа во сликите додека му раскажувате и објаснувате.
Ако имате помало дете, најдобро е да му купите сликовница со поголем формат за да може детето подобро да ги воочува сликите. Исто така, вашето расположение е од клучно значење. Многу е важно да бидете позитивно расположени во текот на читањето, бидејќи сето тоа се пренесува на вашето дете.
Доколку детето бара секој ден да му ја раскажувате истата приказна, направете го тоа. Преку повторувањето, детето навистина ќе може да се вклучи во разговорот и објаснувањата, но и да придонесе со некои други активности, како што се цртање, пишување или игри со зборови.
На детето можете да му читате и некои други корисни материјали кои ќе го подобрат неговиот развој и начин на изразување. Ова се однесува на рецептите, песните, писмата или детските списанија. Ако му читате на детето некаков рецепт, постои голема веројатност дека ќе го мотивирате да прави колачиња или некои други десерти кои ќе го направат вашето дружење поубаво, позабавно и поедукативно.
Во продолжение, прочитајте како да му помогнете на вашето дете да ја засака книгата.