До сите повредени девојки: Престанете да го чекате оној кој ви го скршил срцето

До сите повредени девојки: Престанете да го чекате оној кој ви го скршил срцето

Понекогаш на сите ни е тешко да се соочиме со вистината дека дошол крајот на врската и не сакаме да поверуваме во тоа. Но, доколку вашиот партнер собрал храброст, ве погледнал право во очи и ви ја кажал причината зошто сака да раскинете, верувајте му.

До сите повредени девојки: Престанете да го чекате оној кој ви го скршил срцето

Можеби ви кажал дека сѐ уште ве сака. Можеби ви кажал дека сѐ се случило во погрешно време, дека сакате различни работи и дека не се наоѓате на исто место во животот. Можеби ви кажал дека е до него. Има премногу обврски и не може да се посвети на врската онолку колку што заслужувате. Можеби сфатил дека не е подготвен за нешто сериозно, а забележал дека вие сте.

Без оглед која е причината или изборот на зборови, мора да му верувате. Мора да му верувате на мажот кој ве гледа во очи и ви го крши срцето. Не се сомневајте во неговата одлука, не ја анализирајте и никако немојте да решите дека ќе бидете трпеливи и ќе чекате. Доколку тој не бара од вас да го почекате, само ќе си губите време. Дури и да побара од вас да го чекате, веројатно пак само ќе изгубите време.

Сигурно се прашувате како е возможно да ве сака, а сепак да ви раскинува. Можеби ви кажал дека нештата станале сериозни премногу брзо, па се прашувате дали можете да се повлечете и да почнете од почеток. Можеби тој нашол нова работа и подготвени сте да го чекате за да се стабилизира. Можеби мислите дека тој поминува низ тежок период во животот и решени сте да му помогнете. Или, пак, неговата поранешна девојка навистина го повредила, па сега се плаши да ви верува, но цврсто сте уверени дека со текот на времето ќе ја добиете неговата доверба. Знаете дека ве сака и нема да дозволите врската да пропадне туку-така.

Но, во реалноста луѓето раскинуваат иако сѐ уште се сакаат. Тоа постојано се случува. Вљубеноста е чувство. Треба да го доживеете и да уживате во него. Но, за да сакате некого, треба да се потрудите. Тоа бара време, енергија, фокус и внимание. За да успее љубовната врска, потребно е и двајцата партнери да бидат подготвени да вложат труд и тоа чувство на заљубеност да го спроведат на дело.

До сите повредени девојки: Престанете да го чекате оној кој ви го скршил срцето

За жал, за некои луѓе тоа чувство се појавува во многу незгодно време. Понекогаш се појавува пребрзо по раскинувањето, за време на голема животна промена или пред човекот вистински да созрее за сериозна врска. Луѓето можат да се вљубат, но да не можат да ја спроведат таа љубов на дело со тоа што ќе започнат врска.

Разбирливо е тоа што се чувствувате изиграно. Повредени сте и збунети. Ако знаел дека не е подготвен за нешто сериозно, зошто воопшто почнал да се гледа со вас? Зошто ве запознал со сите негови пријатели и ви праќал пораки за добро утро? Дали само се обидувал да ве одвлече во кревет? Дали сѐ тоа било само една обична лага?

Иако изгледа така, не мора да значи. Можеби навистина сте биле изиграни, но постои можност и да не било тоа така. Кога се работи за емоции, луѓето постојано прават грешки и ненамерно измислуваат приказни. Мислат дека можат да ги контролираат чувствата. Започнуваат нешто што личи на врска, знаејќи дека не се подготвени за нешто сериозно. И потоа без никакво предупредување, љубовта ги погодува како стрела, а тие не се подготвени за нешто такво. Мислеле дека контролата е во нивни раце, дека само ќе се забавуваат и нема да дозволат врската да се развие во нешто сериозно.

Но, љубовта не функционира на тој начин. Таа е нескротлива, непредвидлива и непокорна. Некои луѓе навистина не планирале да развијат чувства со кои не се подготвени да се справат, но тоа се случува и одеднаш тие мораат да се стават во најтешката можна ситуација и да ви го скршат срцето.

До сите повредени девојки: Престанете да го чекате оној кој ви го скршил срцето

Тоа едноставно се случува. Но, потребно е човек многу да работи на себе за да биде подготвен за врска. Понекогаш луѓето мислат дека се подготвени за нова љубов. Мислат дека точно знаат кои се и што сакаат, дека ги победиле сите нивни демони и дека се подготвени да го дочекаат она што доаѓа следно. Меѓутоа, откако ќе стапнат на таа територија, сфаќаат дека тоа не е вистина. Понекогаш морате да започнете нешто за да сфатите дека не сте спремни за тоа, дека треба уште да работите на себе. Тие не ве излажале. Не ве изиграле. Едноставно не знаеле.

Вие можеби сте совршената девојка, но тоа не значи дека сте совршената токму за нив. Можеби сте многу успешни во животот, сѐ ви оди од рака и поседувате голем број прекрасни особини, но сепак не го поседувате она што некому му треба. Не звучи логично, но се случува. И предизвикува неизмерна болка што мора да ја почувствувате за да постигнете личен развој.

Мора да ја пребродите за да можете да продолжите и да свртите нов лист. Морате да ја прифатите вистината и да го пуштите да си оди. Сѐ додека го чекате оној кој ви раскинал, стоите во место. А никогаш нема да го дознаете крајот на вашата приказна доколку останете заглавени во ова поглавје од вашиот живот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар