„Дипломирав, и сега што?“- 5 работи кои треба да ги запаметите доколку оваа помисла ве ужаснува

Дипломирав, и сега што? 5 работи кои треба да ги запаметите доколку оваа помисла ве ужаснува

Полека се ближи крајот на вашето академско образование и разбирливо е ако се чувствувате збунети и исплашени. Сте поминале безброј бессони ноќи подготвувајќи се за испит, безброј часови чекајќи на Студентски прашања, безброј кафе паузи со колегите, ја избравте темата за вашиот дипломски труд и тргнавте на апсолвентска екскурзија. И сето тоа наскоро ќе биде крунисано со долго очекуваната диплома. А што потоа?

Дипломирав, и сега што? - 5 работи кои треба да ги запаметите доколку оваа помисла ве ужаснува

Целта на вашето академско патешествие ви е веќе на дофат. Не сте повеќе она изгубено 18-годишно бруцошче кое за прв пат го пречекорува прагот на факултетот. Официјално е: конечно успеавте! Во вас владеат измешани емоции на возбуда, страв, неизвесност и збунетост. Тешко е да останете прибрани, но земете воздух и обидете се максимално да ги искористите последните денови од вашиот студентски живот. Во тоа ќе ви помогнат следниве 5 работи кои треба да ги имате на ум:

Не мора веднаш да ги имате одговорите на сите прашања

Дипломирањето со себе носи голем притисок. Сигурно ви е смачено да одговарате на едните исти прашања од типот: „Што планираш да правиш откако ќе дипломираш?“ и поради тоа постојано да бидете под стрес. Во ред е да немате одговор на некои прашања сега. Веројатно и самите имате многу познаници кои одамна завршиле факултет и сè уште не го знаат одговорот. Не заборавајте дека не сте единствени и дека се соочувате со истиот проблем како и сите ваши врсници. Нормално дека треба одвреме-навреме да напишете по некој збор во вашата животна приказна, но во ред е и ако заглавите на воведниот параграф.

Уживајте во овој неповторлив момент од вашиот живот

Потрошете колку сакате време на фантазирање за тоа како ќе изгледа вашиот живот по дипломирањето, притоа прегледувајќи ги сите можни филмови што ги имате направено во главата по стоти пат. Но, не заборавајте да живеете во сегашноста! Свртете се околу себе и убаво погледнете. Погледнете го местото кое беше ваш дом изминативе три, четири години, погледнете ги лицата на вашите колеги кои ве придружуваа на ова неповторливо патување кое можеби е од одлучувачко значење за вашиот живот. По целиот труд што го имате вложено, сосема заслужено уживајте во моментот!

Дипломирав, и сега што? - 5 работи кои треба да ги запаметите доколку оваа помисла ве ужаснува

Верувајте во себе!

Вие сте силни, способни и подготвени за вистинскиот свет! Многумина од нас не се чувствуваат така поради големиот број сериозни обврски со кои треба да се соочиме. Да, се збогувавме со нашите тинејџерски години, но и покрај сите знаци на зрелост што се очекува од нас да ги покажеме, ние сè уште сме млади во очите на светот. Годините не се мерило ниту за зрелост ниту за оспособеност. Затоа верувајте во своите квалитети и покажете му на светот што можете!

Дипломирањето е крај на едно поглавје, но почеток на ново

До сега секогаш сте знаеле кој ќе биде вашиот следен чекор. По седмо одделение следува осмо. По средно училиште следува факултет. Меѓутоа сега пристигнавте на конечната дестинација од тоа предодредено патување. Сега изборот е бесконечен. Можеби звучи како клише, но навистина можете да правите што сакате. Дали ќе одлучите да се вработите, да го прошетате светот со вашите најдобри пријатели, да смените место на живеење, изборот останува на вас! Што и да одлучите не плашете се дали ќе погрешите. Бидете сигурни дека тоа ќе биде вистинскиот избор.

Сакајте!

Сакајте се себеси. Сакајте го вашето семејство, вашето милениче, вашите пријатели, вашите цимери кои ги запознавте преку оглас. Едноставно сакајте! Кога ќе ги ставите другите на прво место и ќе ги сакате вистински онака како што треба сите да се сакаме, вашиот свет ќе стане многу поубав и попозитивен. Тоа не е секогаш лесно, но дефинитивно вреди.

Па, апсолвенти, ви останува уште многу малку. Само што не сте дипломирале. Во овој момент секој настан е дел од низата работи кои ќе ги направите за последен пат: вашата последна презентација на предавање, вашиот последен испит во големиот амфитеатар, вашето последно фотокопирање на скрипти во Студентскиот сервис, вашето последно кафе на пауза во бифето… Бура на емоции! И покрај мислите што ви се вртат во глава како на пример, „Немам поим што да правам во животот“ или „Ќе го паднам последниот испит“, запаметете дека да се дипломира е голем успех. Не дозволувајте да го заборавите тоа поради анксиозноста наметната од реалниот свет. Време да ја затворите книгата што ја пишувавте во текот на вашите студентски години и да почнете нова уште повозбудлива, поинтересна, поуспешна и поневеројатна!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

  1. zlatko Reply

    isto kako vo shahot,posle potegotd4 imas bezbroj opcii

Остави коментар