Девојки, обрнете внимание: Незабележливи начини на кои момците се обидуваат да комуницираат
Познато е дека добрата комуникација е основа на секоја здрава и успешна љубовна врска. Кога постои недостаток на комуникација, врската страда. Многупати сме слушнале дека мажите и жените се од различни планети, па како последица на тоа комуницираат на сосема различни начини. Жените се жалат дека мажите бегаат од разговор како од чума. Мажите, пак, се жалат дека кога ќе се обидат да ја кажат вистината, тоа доведува до караница, се чувствуваат игнорирано па затоа се откажуваат и се затвораат.
Општото верување е дека мажите не се многу чувствителни и дека не сакаат да комуницираат исто толку колку жените. Но, вистината е дека мажите всушност поседуваат длабоки емоции и сакаат да разговараат за нивните врски, меѓутоа ретко кога мислите ги споделуваат со нивната сакана. Зошто е тоа така? Зошто мажите не разговараат за нивните врски, дури ни со нивните најблиски пријатели? Тоа во никој случај не значи дека немаат чувства. Им треба само време за да се почувствуваат доволно удобно и потоа тие со задоволство ќе ги искажат сите желби и потреби скриени во нивното срце.
Па, како да го постигнете тоа? Во никој случај не треба да почнувате со „Треба да разговараме…“ На крајот на краиштата, кога станува збор за комуницирање, не е толку важно што ќе кажете, туку што ќе слушнете. Кога жената сака да разговара, она што мажот го слуша е: „Згреши, јас сум лута и сега ќе те преплавам со еден куп прашања на кои нема да го знаеш одговорот. Разговорот ќе трае долго. Нема шанси да победиш и заборави вечер на секс, освен ако не изиграш како што треба, а веројатно нема“. Никој не го сака тоа!
Добрите вести се дека вашиот партнер се обидува да комуницира со вас, но вие ги занемарувате знаците што ви ги праќа и тој се повлекува. Нареден пат кога вашето момче ќе направи некоја од следниве 3 работи, имајте предвид дека тој се обидува да ви каже нешто и да се поврзе со вас. Погледнете за кои начини на комуникација станува збор…
1. Почнува да ви нуди многу решенија
За него ова е исто како да ви вели „Те сакам“. Вашиот партнер сака да биде витезот заштитник кој ќе ве спаси од сите ваши проблеми. Но, ако вие се почувствувате повредено и фрустрирано бидејќи не сте сакале решение, туку само некој кој ќе ве ислуша, тогаш штотуку сте го пропуштиле неговиот сигнал. Тој ќе мисли дека потфрлил и ќе се затвори во себе. И потоа се прашувате зошто мрмори кога сакате да разговарате!
Нареден пат, кажете му што сакате од него пред да почнете да разговарате. Тој со задоволство ќе го исполни вашето барање и ќе му олесни тоа што знаел точно што сакате. Во иднина, кога тој ќе почне да ви нуди решенија, заблагодарете му се и почнете да разговарате за тоа. Тој ќе биде пресреќен што го цените неговото мислење и ќе почне повеќе да ви се отвора.
2. Станува многу молчалив
Овој начин на комуникација е многу контрадикторен, затоа и го занемарувате. За момците молчењето е само вовед за она што следи. Кога мажот е под голем стрес, кога е загрижен или исплашен поради нешто, тој се повлекува во неговата пештера. Треба да одолеете на потребата да му поставите милион загрижени прашања и наместо тоа, да му дадете простор, па дури и само да молчите заедно со него. Тој ќе ви се отвори откако сите емоции ќе поминат низ него. Запаметете дека мажите не разговараат со цел да се соочат со нивните чувства, тоа го прават жените. Момците прво се соочуваат со чувствата, па потоа разговараат за нив.
3. Се обидува да воспостави физички контакт
Кога мажите се во врска, тие се обидуваат преку сексот да остварат конекција и интимно да се зближат со партнерката. Но, жените прво сакаат да се зближат и поврзат пред да имаат секс. Имајте на ум дека кога мажот се обидува да воспостави физички контакт, на тој начин ја покажува желбата за блискост со вас. Ако сѐ уште не сте почнале со предигра, ова е идеалното време за разговор. Така вие ќе ја добиете посакуваната интимност што ви е потребна за да се возбудите сексуално и потоа и двајцата ќе уживате во плодовите. Но, немојте да чекате да разговарате по сексот. По оргазмот, мажите веднаш се исклучуваат и тонат во длабок сон.