Деветте најлоши работи за кои може да разговарате на првиот состанок

Деветте најлоши работи за кои може да разговарате на првиот состанок

Мислите дека сте веќе возрасни и дека знаете како да разговарате. Но, тенките нерви, сексуалната привлечност и лошата смисла за хумор, може да го доведат во прашање впечатокот кој ќе го оставите на вашиот прв состанок.

Понекогаш дури и навидум „безбедните теми“ може да бидат ризични. Ако сакате да имате успешен прв состанок, избегнувајте ги овие 9 теми.

ПРЕСТАНЕТЕ ДА ЗБОРУВАТЕ:

1. Само за себе

Иако е добро да бидете отворени и да разговарате за вашите интереси, сепак не треба да отидете во крајност. Ова е честа појава, велат социолозите и советуваат дека на состаноците не треба да ги споделувате само вашите интереси и желби, туку треба да ги слушнете и интересите на другиот. И прескокнете ги темите за кои партнерот нема интерес: според едно истражување околу 75 проценти од луѓето веруваат дека споделувањето слични ставови и интереси е клучно за закажувањето втор состанок со некого.

2. За вашата несигурност

„Дали си сигурен дека изгледам добро?“ „Можеш ли да видиш дали имам огромен белег тука?“ „Сигурна сум дека повеќе ти се допаѓаат русокоси“. Самодовербата е особина која најмногу привлекува на првиот состанок, па затоа немојте постојано да ја доведувате во прашање, предупредуваат психотерапевтите. Не само што го ставате фокусот на вашите (непостоечки) „недостатоци“ туку и го принудувате соговорникот постојано да ве уверува во нешто. Само околу 10 проценти од луѓето што учествувале во направеното истражување на оваа тема, се решиле на втор состанок со партнер со ниска самодоверба.

3. За озборувањата од работа

Можеби мислите дека тоа што вашата колешка го изневерува партнерот со вашиот шеф е нешто што мора да се сподели, но верувајте дека тоа е најдосадното нешто што можете да го направите на првиот состанок. Озборувањата, скоро секогаш, заморуваат по некое време, особено ако не го познавате доволно вашиот соговорник. Наместо тоа, разговарајте за тоа што ви се допаѓа на работа или, ако ја мразите вашата работа, каква нова работа сакате да најдете. Двата пола сметаат дека страста и амбицијата се двете најсексапилни црти кај партнерот. Работната етика е важна за оставањето на добар прв впечаток.

4. За тоа колку е лош вашиот поранешен партнер

Зборувањето за поранешните партнери не е толку лоша работа на првиот состанок, затоа што така стекнувате впечаток каков е некој по раскинувањето. Проблем е ако почнете постојано да зборувате за него и тоа само во негативен контекст. Некои детали од вашето раскинување можеби се нешта за кој вашиот соговорник не сака да знае. Затоа, подобро, не ги споделувајте.

5. За експлицитни детали од вашиот сексуален живот

Ако сакате да се запознаете подобро со вашиот потенцијален партнер, тоа нема да го постигнете со зборување на тема како што е сексот зашто така ќе создадете само лажна слика за интимноста со некој кој сè уште не го познавате добро. Но, ако се чувствувате комотно, зборувањето на таа тема може да биде „жешко“. Сепак, бидете внимателни, тоа го наведува партнерот на идеи што би можеле да правите по состанокот.

6. За вашата емотивна нестабилност

Никој не сака да ја сподели својата болна точка на првиот состанок. Емотивните и психолошките проблеми се во подем во денешницата. Ако имате проблем и не сакате да зборувате за него на првиот состанок, тогаш зборувајте за другите аспекти од вашата личност.

7. За другите состаноци на кои одите

Ако сте се запознале преку социјалните мрежи, веројатно партнерот знае дека закажувате и други состаноци. Но, не ги споделувајте најлудите нешта кои сте ги направиле на тие состаноци. Потенцијалниот партнер веројатно нема да сака да знае детали за другите ваши потенцијални партнери.

8. За тоа дека сте најдобри другар(к)и со вашата мајка

Веројатно ќе му биде драго на вашиот можен партнер да чуе дека сте блиски со мајка ви. Но, тоа што не би сакал да го слушне е дека за секој најмал проблем барате совет од неа. Тоа е знак на ниска самодоверба и не остава позитивен впечаток и покрај добрите гени кои можеби сте ги наследиле од вашата мајка.

9. За вашето љубовно минато

Споделувањето на фактот дека можеби немате среќа во врските може ќе делува невино и искрено. Но, не заборавајте дека и вие сте биле дел од тие врски и сигурно некако сте придонеле за тие да завршат несреќно. Немојте да го наведувате соговорникот да помисли на тоа дека не сте добар партнер. Борете се за неговото внимание на поинаков начин.

Посоветувајте се и како да имате успешен прв состанок со личност која сте ја запознале онлајн.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Смислата на животот ја бара преку уметноста и креативноста. Пишувањето е нејзино секојдневие.

Поврзани содржини

Остави коментар