Детето со валкана облека е среќно дете
Како што се раѓа детето, тоа некако доаѓа во комплет со дамки и еден куп валкани алишта. Но, тие не претставуваат товар, затоа што бебето носи огромна радост во семејството. Но, со текот на времето дамките не се намалуваат, туку напротив. Без разлика дали го храните вие или детето научило да јаде само, треба да имате предвид дека добар дел од храната ќе заврши онаму каде што не треба. А дури пак откако ќе почне да оди и да трча надвор, тогаш започнува вистинската забава.
Играње фудбал, качување по дрвја и многу други игри кои се практикувале во минатото, денес сѐ повеќе се заменуваат со екраните. Децата едвај кажуваат по еден збор додека се „внесени“ во виртуелниот свет. Иако секој родител помалку се грижи кога детето е внатре во куќата, сепак, играта надвор е многу важна за неговиот развој. Неодамнешните истражувања покажале дека играњето надвор придонесува за брзо развивање на менталните способности и зајакнување на имунитетот. Децата кои замислуваат други светови, освен виртуелните, не само што брзо учат, туку се и многу позабавни кога се во нечие друштво.
Секој родел на мало дете знае дека излегувањето во парк значи потенцијално валкање на облеката. Детето сака чоколадо? Секако дека може. Сака да игра во тревата? Зошто да не, сите знаеме дека одењето на четири нозе е забавно. Така, секој родител треба да знае дека валканото дете е среќно дете. Надвор од домот, детето треба да се чувствува безбедно и опуштено, слободно и безгрижно. Толку безгрижно што нема да се грижи ни за тоа дали дома ќе се врати извалкано. Тоа значи дека родителите наместо да се караат, треба да имаат трпение и секогаш да му обезбедат чиста облека.
Така, родителите треба да одвојат повеќе слободно време за да го носат своето дете во природа. Иако е тешко да се чуваат децата кога имаат доволно години за брзо да трчаат, сепак, надворешниот воздух не е од корист само за децата, туку и за нивните родители. Па на овој начин, на крајот од денот сите ќе уживаат во наградата која ги следува – квалитетен и мирен сон што ништо не може да го наруши.