Дали знаете што е канцелариски вирус?
Отворениот работен простор со повеќе вработени, денес е честа појава во модерните компании. Покрај намалувањето на трошоците, оваа навика носи и подобра размена на идеи, подобра комуникација помеѓу вработените, но исто така и полесно проширување на вирусите во канцеларијата. Погледнете во продолжение за кој вирус станува збор, кога се јавува, кои се неговите симптоми, а и како да се борите против него.
Како започнува канцеларискиот вирус?
Овој вирус обично започнува во периодот пред новата година, во средина на есента, но и во раната пролет. Влегува во работниот простор преку вашите колеги кои ќе ги препознаете по тоа што постојано со нив имаат марамчиња, лекови против кашлица и многу чаеви. Вие сигурно посакувате да му кажете на вашиот колега дека наместо да доаѓа на работа, треба да остане дома и да се лекува, но, тоа не е ваша обврска, па ќе си помислите дека промената на времето, намалувањето на имунитетот и стресот придонесуваат за тоа, па дека брзо ќе помине. Но, само по еден ден ќе забележите дека симптомите почнуваат да се шират…
Кои симптоми ви откриваат дека имате вирус?
Вирусот се пренесува со кивање или кашлање, доколку капки плунка паднат на предметите кои ги допирате или пак ако паднат на земјата, па потоа се подигнат со прашината која ја вдишувате. Колку и да ги избегнувате колегите, заедничкиот отворен простор придонесува за ширење на вирусот. Првите симптоми се главоболка, исцедок од носот, отежнато дишење и голтање, солзење на очите, суво грло и засипнатост. Тогаш ќе се почувствувате без енергија, како да имате превисока температура, иако таа е само малку покачена.
Како да се изборите со нападите на кивање и кашлање?
Првото нешто што можете да го направите е да го замолите болниот колега да земе слободен ден, или пак самите вие (доколку природата на работата ви го дозволува тоа) да побарате да работите од дома, додека трае вирусот. Но, честопати ниту едно од овие две сценарија не може да биде изведено, па затоа е потребно да се посветите на зајакнување на својот имунолошки систем. Лимони, зголемено внесување витамин Ц, топли чаеви и мед, сето ова ви е познато, но за подобра одбрана од вирусите треба почесто да престојувате на свеж воздух, или пак барем паузата која ви следува во текот на работниот ден, да ја искористите за мала прошетка.
Еве уште неколку совети кои ќе ви бидат од голема корист
Не покривајте го лицето со рацете
Ако имате проблеми со настинката или пак ги воочувате првите симптоми, како што се кашлање или кивање, покријте го лицето со марамче, а никако со голи дланки. Кога немате марамче при рака, користете ја внатрешноста на вашиот лакот за оваа намена. Доколку кашлате, особено важно е да внесувате топла течност, а и да земате лекови против кашлање. При изборот на вакви лекови треба да се водите според искуството и нивниот квалитет, а најдобро е да се советувате со вашиот лекар.
Често мијте си ги рацете
Мијте ги рацете со сапун и топла вода минимум 20 секунди. Доколку не сте во можност често да станувате од работното место, користете гел за дезинфекција на база на алкохол.
Не допирајте си го лицето
Бактериите најлесно се пренесуваат со допирањето на очите, носот и устата. Покрај тоа, допирањето на лицето претставува непријатна навика која придонесува за појава на акни и мозолчиња.
Исчистете го својот работен простор
Во време кога преовладува канцеларискиот вирус, често морате да го бришете и да го дезинфицирате вашиот работен простор. Телефонските слушалки, работната површина, дигитроните, тастатурата, глувчето и другите канцелариски предмети се преполни со бактерии. Не грижете се дали ќе изгледате чудно пред вашите колеги. Објаснете им дека многу ви е важно да го сочувате вашето здравје!