Дали знаете да работите во тим?

Дали знаете да работите во тим?

Автор: Петар Лазаров

Ако земеме предвид дека ние луѓето првенствено не можеме меѓусебно да се разбереме (ако не се сложувате со ова само погледнете што се случува околу нас и пошироко), а за да функционираат повеќе индивидуи на едно место пред сѐ треба да се разберат, тогаш јасно е дека не е многу лесно да се вклопиме во еден тим. Функцијата на тимот е многу јасна – група луѓе собрани со определени комплементарни вештини за да остварат некоја иста цел, задача или проект. Имаме иста цел, сакаме исти работи, сами тешко може да ги исполниме задачите, а пак, е многу тешко да се здружиме и заеднички да работиме на секојдневните предизвици.

dali-znaete-da-rabotite-vo-tim-kafepauza.mk

Од една страна, сите зборуваме дека заедно сме посилни, дека две глави мислат подобро од една, сите зборуваме за тим и тимско работење, одиме по обуки, се дружиме после работа, но од друга страна, често имаме проблем со колегата кој нема да си ја заврши работата, некој ќе го „намести“ другиот, ќе му стави сопка или ќе изневери во најважниот момент.

Проблемот е во тоа што нашите индивидуални особености и карактеристики ги надвладуваат тимските цели и принципи на работење. Со цел подобро да функционираме како тим ние мора свесно и макотрпно да работиме на себе и на сите членови на тимот, како и да ги следиме некои од основните правила и принципи на функционирање во тим.

Во прилог неколку правила и принципи кои мора да ги имате на ум кога формирате или работите во тимови:

1. Цел – Која е вашата индивидуална цел и дали таа е комплементарна со целите на другите, како и целите на колективот (компанијата) во целост?!

2. Улоги во тимот – Секој тим треба да е составен од индивидуалци кои имаат комплементарни вештини и точно определени улоги и задачи. Тоа по „странски“ се вика „Job Description“. Доколку ги немаме дефинирано улогите и задачите, тогаш многу лесно ќе се случи една личност да извршува нечии други задачи, или некоја задача да не се изврши воопшто. Незадоволството е неизбежно.

3. Тим лидер – Секој тим мора да има една личност која ќе го води тимот и ќе ја преземе одговорноста за успехот или неуспехот на тимот. Лидерот мора да ги постави процедурите на работа, будно да го набљудува и следи својот тим, да биде заштитник и мотиватор.

4. Одговорност – Секој индивидуално треба да преземе одговорност за своите постапки. Ако поради која било причина не сакаме да преземаме одговорност, тогаш веројатноста за да ги исполниме нашите индивидуални задачи како и тимските цели, ја сведуваме на минимум.

5. Заедништво – Меѓусебно помагање на сите членови во тимот. Наполеон Хил вели дека најдобро и најбрзо ќе успееме ако им помогнеме на другите да успеат. Исто така се вели дека еден синџир е силен колку што е силна најслабата алка. Ако не ги поддржиме и помогнеме оние кои се послаби од нас, целиот тим губи (и ние самите).

6. Конфликт – Конфликтот е неизбежен дел од функционирањето на еден тим. Но, доколку членовите промовираат отворена комуникација и искрено разговараат за своите проблеми, секогаш ќе може да се најде заедничко решение без притоа некој да прави огромни отстапки.

7. Доверба – За еден тим да функционира беспрекорно, мора да постои доверба помеѓу членовите. Најдобар начин на градење доверба во тим е доколку првично ние сме луѓе од доверба. Отворената комуникација е исто така важен фактор во процесот на градење на доверба во тимот.

8. Активно слушање – За да се разбереме, мора да се слушаме. Слушањето е ментален предизвик и природно тешко ни оди да го спроведеме. За да станеме подобар слушател, основно е да престанеме да зборуваме и да мислиме дека нашето е подобро, попаметно и поважно од она на другиот.

9. Прашања, повратна информација и парафразирање – Употребувајте ги овие алатки со цел да ја подобрите комуникацијата во тимот. На овој начин ќе ги намалиме претпоставките, нејаснотиите и нецелосните информации.

10. Обука – Мора постојано да ги надградуваме нашите знаења и вештини, и да ги имплементираме и тестираме истите во пракса. Само на тој начин може да очекуваме подобрување на нашите индивидуални вештини, но и перформансите на тимот во целина.

Гуските летаат во формација „V“ и на тој начин заеднички, подобро му се спротивставуваат на ветерот и достигнуваат далечини дури до 71% поголеми отколку што може една гуска сама. Ако лидерот се замори, веднаш го заменува некоја од гуските, а во случај на замор, поиздржливите ги бодрат послабите со квакање.

Да учиме од природата!

Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар