Дали живееме во машки свет?
Џејмс Браун пее, „ова е машки свет, но тој не би бил ништо без жена или девојка“. Мажите ги измислиле превозните средства, електричната енергија, мажите прават сè, мажите прават пари, но без жената нивното срце би било пусто и огорчено. Колку има вистина во овој хит од 60-тите? Мажите уште од најрано време имале за задача да ловат и носат храна во домот и да го штитат семејството.
Денес кога наголемо се „урла“ за женската еманципација во општеството, за рамноправноста меѓу половите, модерните жени сепак се збунети – дали сè уште живееме во машко општество? Нели мажите ги поставуваат нормите и правилата? Дали тој значително помал процент на жени инволвирани во политиката во споредба со мажите, е доволен за да речеме дека живееме во општество каде владее хармонија во половата еднаквост?И вие како читатели на Кафе пауза бевте поделени за оваа тема, така што не успеав да извлечам едно категорично ДА или НЕ на прашањето Дали живееме во општество каде мажите доминираат? 56% одговорија негативно а 44% потврдно.
Не знам дали сте ја читале трагедијата „Војвотката од Малфи“, но таму јасно е потенцирано колку во 17 век бил значаен хиерархискиот редослед во универзумот. На скалата секогаш пред жените се поставени мажите, и непочитувањето на овој ред може да биде кобно.
Денес кога жената може слободно да се образува и да заземе директорска фотелја, модерните жени се во недоумица – дали еманципацијата е реална или само фарса? Колку често на телевизија гледаме политичари со успешни кариери и нивни жени кои стојат како украс до нив и ретко отвораат уста? А од друга страна, колку често може да забележиме ситуација сосема спротивна од оваа? Дали машкото его дозволува жена која би била супериорна, или ако ништо друго макар еднаква? Ајде да направиме една паралела меѓу два сосем различни светови.
Моментално ја читам „Јас, принцезата од куќата Ал Сауд“, каде младата принцеза која себеси се нарекува Султана (со цел да не го открие својот вистински идентитет), раскажува за огромната неправда која им е нанесена на жените во земји како Саудиска Арабија. Таа кажува дека мажите ја имаат моќта да ги контролираат жените со тоа што, како прво и основно, не им дозволуваат да се стекнат со потребното образование. А знаењето е најсилно оружје против секаква неправдина. Султана кажува дека моќта на мажите е толкава, што тие сосема погрешно го интерпретираат Куранот во нивна корист. Наспроти она што мажите во тие земји сакаат да биде вистина, пророкот Мухамед всушност проповедал правдина и заштита за жените. Понатака, Султана раскажува како мажите уште од најрана возраст се учат дека жените се безвредни и се поставени како предмети кои служат за задоволување на нивните потреби. Жената и децата му се предадени на мажот, тие се негова сопственост, мажот може што сака да прави со жената бидејќи уште од мали нозе е учен жените да ги гледа со презир.
„Приказната за жените во Саудиска Арабија лежи во темнина. Ниту раѓањето ниту смртта на една жена никаде официјално не се регистрира. Раѓањето на машките наследници се запишува во документите на семејството и на родот… Раѓањето на женското дете, нормално предизвикува срам. Многупати сум се запрашала, дали нас, ќерките на пустината, воопшто нè има кога нашето доаѓање и заминување не се забележува?“
Една од многубројните случки кои ја потврдуваат обезвреднетата положба на жените во таквите земји, е кога Султана раскажува за нивната куќна помошничка, која излегла на пазар со кошула долга само до колениците. Мутавиите (правни бранители на Куранот), ја удирале со стап и ѝ ги испрскале отскриените нозе со црвена боја. И во случај да дојде до недоразбирање, станува збор за новото време, ова се случува и ден денес. Неодамна на интернет најдов толку тажна приказна за девојка чиј брат пробал да ја убие со секира бидејќи одбивала да се мажи со маж кој според годините би можел да ѝ биде дедо. Просто бев ужасната.
Настрана од тоа, во модерните земји жените сами си ги одбираат мажите и можат да се облекуваат како што сакаат. Би сакала да ја погледнете сликата подолу. Мислам дека и вие, исто колку и мене, оваа ситуација на некаков ироничен начин ја сметате за реална и точна.
Мислите ли дека во земји каде жените се покриени од глава до пети не се случуваат сексуални напади? Минатата година студентка во Индија починала откако била силувана од 10 мажи. Што поточно ги испровоцирало нив? И дали мажите се животни водени од инстинкти кои не можат да се воздржат од своите нагони, па жените мора да го покриваат телото и лицето за да не ги испровоцираат?!
Дали ние, модерните жени, со слобода за носење на свои одлуки, сме крајно лицемерни ако се бориме за женските права, а преземаме навистина малку? Велиме дека мажите не смеат да нè третираат како парче месо, а со провокативна облека сакаме да добиеме внимание. Да ви кажам нешто. Жените имаат право да се облекуваат како што сакаат. Да го покриваат своето тело или да го отскриваат – сопствен избор. Жената како убаво и нежно суштество треба да биде заштитена од мажот, но не злоупотребувана и во никој случај тоа не смее да значи дека не умее да се заштити сама. Ако жената сака да ги истакне физичките атрибути, нека биде со вкус. Секоја жена заслужува да ја истакне својата убавина. И во ред, ти биди забележана на своето работно место бидејќи си средена и убава, но не дозволувај кога ќе отвориш уста мажите кои те опкружуваат да помислат дека си само добро парче месо. Јас не сакам жените на 21-от век да бидат необразовани и третирани како сексуални објекти кога ни е дадено правото да бидеме што сакаме. Кога некој маж ќе помисли дека може да ве третира како крпа само бидејќи Господ го направил маж, затворете му ја устата бидејќи можете. Само со такво однесување ќе стоиме рамноправно со мажите во овој „машки свет“.
„Не ми пречи да живеам во машки свет, сè додека можам да бидам жена во него“. – Мерлин Монро
Ели
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.