Дали заедничките интереси се клучни за здрава врска?
Некои луѓе тврдат дека спротивностите се привлекуваат, а според некои сродната душа е само малку изменета верзија од нас самите. Сите ние имаме интереси, хобија и активности кои ги правиме секојдневно. Па, колку тие влијаат во изборот на партнерот и на тоа колку ќе ни биде здрава врската?
Кога партнерите се личности од различен пол, често се случува да не ги делат истите интереси. Со текот на времето, во тинејџерските години и нешто покасно, секоја личност го спознава светот низ своја призма и одлучува за своите желби и интереси. Па така, иако звучи стереотипно, постојат жени кои сакаат да гледаат фудбал, а мажи кои сакаат да поминуваат време во кујната. Но, колку и да сме индивидуални кога одлучуваме за она што нѐ интересира, сепак стои тоа дека мажите и жените често немаат исти интереси.
На крајот од денот се наоѓаме во друштво на партнерот, па тогаш доаѓа до израз нашата компатибилност. Имено, не е неопходно целосно да ги измените вашите желби и интереси за да се прилагодите на партнерот, сѐ со цел вашата врска да успее. Решението е во компромисот. Без разлика дали скоро сте се вљубиле или сте во врска веќе подолго време, постои причина зошто сте си привлечни еден на друг. Многу е веројатно дека веќе имате слични ставови и интереси уште од самиот старт. Во спротивно, често би доаѓало до кавга и таа врска не би успеала. Доколку дознаете дека вашиот партнер има некое хоби кое вам никогаш не ви изгледало интересно, сепак испробајте се во таа активност. Можеби во вас се крие вистински мајстор!
Од друга страна, ако не уживате во некоја активност која вашиот партнер ја обожава, тоа е сосема оправдано и нормално. Не мора со сила да му правите друштво секаде и да глумите дека уживате во сето тоа. Вашиот партнер треба да ве разбере, исто како што и вие го разбирате него кога го нема истиот ентузијазам да присуствува на некој настан кој вие сакате да го посетите. Ако забележите дека вашата сакана личност ужива во нешто, обидете се да бидете заинтересирани, но не си создавајте притисок. Се работи за личност која ја љубите и нормално е да сакате да бидете вклучени во сите полиња од нејзиниот живот, но истовремено сте и индивидуа која има свои желби, потреби и интереси. Како и за сѐ друго, и оваа ситуација може да се реши со отворен разговор. Зборувајте за своите интереси, но сослушајте го и партнерот. На овој начин најдобро ќе се запознаете и ќе се разберете еден со друг.
Ако на партнерот му е потребна поддршка и максимално се труди и вам да ви го доближи тоа што него го интересира, почитувајте го неговиот гест. Ако партнерот има омилен фудбалски тим за кој навива од мали нозе и ако ве замоли да присуствувате со него на некој натпревар, направете го тоа. Од друга страна, ако вие сакате да одите на шопинг бидејќи тоа ве опушта, партнерот треба да ви прави друштво. Тука не се ни работи за некои класични отстапки, туку за поминување квалитетно време заедно и создавање заеднички спомени. Ако вашата врска се заснова на заемно почитување, ништо нема да допринесе за уништување на вашиот однос. Напротив, вие ќе имате совршено здрава врска.
Знаете дека заедничкото гледање на серии може дополнително да ви ја зајакне врската? Прочитајте нешто повеќе за тоа тука.