Дали треба да бидете само пријатели?
Да бидете пријатели е важен дел од секоја здрава и среќна романтична врска. Вие треба да се венчате со вашиот најдобар пријател, со согласувате? Но, дали е доволно да се биде само пријатели? Како знаете дека чувствата кои ги имате кон одредена личност се навистина романтични или пак, станува збор за платонска врска? Каде е линијата помеѓу пријателството и љубовта? Погледнете ги следниве фактори кои луѓето ги поврзуваат со романтичните врски, но кои исто така се важни и во пријателството…
Привлечност. Да чувствувате привлечност кон некого е моќно, но дефинитивно не е знак за љубовен потенцијал. Взаемното привлекување е клучно за пријателствата. Долготрајните пријатели покажуваат многу емоционални доживувања како тежнеење и недостасување кои се карактеристични за привлечноста (Стернберг, 1986), што не се разликува многу од поврзаноста помеѓу романтичните партнери.
Интимност. Блискоста има голема улога во романтичните врски, тоа е јасно, но таа исто така многу значи и во пријателствата. Интимноста се создава преку искреност на чувствата. Кога луѓето ги споделуваат нивните чувства, реакции и грижи со добар пријател, тие создаваат блискост која помага да се одржи врската. (Лоренсо, Барет и Пјетромонако, 1998)
Почит. Здравите романтични партнерства се базирани врз взаемно почитување (Хендрик, Хендрик и Зачили, 2011), но истото се случува и кај пријателствата. Чувствата за восхит кои можете да ги имате за одредена личност, не значат дека вие сте подготвени за романтична врска со него/неа. Да се има пријатели на кои им се восхитувате е прекрасен начин да растете и учите.
Поддршка. Понудувањето поддршка е најчесто работа и на пријателите и на романтичните партнери. Оваа поддршка ѝ овозможува на индивидуата да напредува (Фини и Колинс, 2014), но исто така е и клучна карактеристика на блиското пријателство. И пријателите и романтичните партнери можат да придонесат за вашата добросостојба преку социјалната поддршка.
Задоволство. Забавата и уживањето во друштвото на другиот е нешто што ги карактеризира и љубовните врски и пријателството. Само затоа што сакате да поминувате време со некого или ви се допаѓа нечија смисла за хумор, тоа не значи дека сте на пат кон романса, иако тоа секогаш значи добра основа за пријателство.
Па, во што романтичните врски се разликуваат од пријателството?
Да ја тргнеме настрана сексуалната компонента, која генерално ја дефинира само романтичната врска, постојат и други аспекти кои можат да ви помогнат да одлучите дали вие двајца треба да бидете во љубовна врска или пак, да останете само пријатели.
Заеднички цели. Романтичните партнери се разликуваат од пријателите по насоката на нивните патишта. Во романтичните врски, нивните патишта се движат кон слична иднина и подоцна се спојуваат во заеднички очекувања (на пример, полови улоги, одлуката да се има деца или не, финансиски навики…). Овие заеднички перспективи не се потребни во пријателството, но прават огромна разлика во романтичните врски.
Време и внимание. Романтичните врски ги надминуваат пријателствата кога станува збор за времето поминато заедно и вниманието кое е посветено на партнерот (Фацио, Ефреин и Фландер, 1981). Ова на многу начини е когнитивно-афективна компонента на партнерството, што значи дека луѓето одлучуваат да се фокусираат едни на други и да се чувствуваат удобно со нивото на внимание кое го даваат и добиваат. Кога една личност не е подготвена да го даде своето време и внимание, додека пак другата е, тоа е сигурен рецепт за небалансирана и незадоволна љубовна врска.
Меѓусебна зависност. Рузбалт (1980) сметал дека дефинирањето на романтичната врска е во нивниот потенцијален степен на меѓусебна зависност. Да, пријателите зависат едни од други, но животите на романтичните партнери имаат тенденција да се испреплетат заедно. Кога се развива романтичната врска, индивидуите стануваат позависни едни од други и поради тоа настанува здравата трансформација од „јас“ и „ти“ во „ние“. Длабочината и богатството на романтичната меѓусебна зависност се многу поголеми отколку во пријателството.
Позитивни илузии. Во здравите романтични врски, индивидуите се маѓепсани од нивните партнери. Тие имаат високо мислење за својот партнер, во поглед на неговото или нејзиното однесување, способности, ставови, перцепции… Овие илузии се здрави (Мјуреј, Холмес и Грифин, 1996) и помагаат да се дефинира романтичната врска наспроти пријателската, каде што имаме пореални погледи кон нашите пријатели.
Влијание. Да, нашите пријатели влијаат врз нас, нашите цели, преференции и перспективи, но нашите романтични партнери имаат многу поголемо влијание врз личноста која навистина сме. Луѓето всушност инкорпорираат дел од своето чувство за себе во нивните романтични партнери (Арон, Арон, Тудор и Нелсон, 1991). Со други зборови, во дефинициите за себе кај луѓето се повеќе вклучени романтичните партнери отколку пријателите.
Обврзаност. Честопати занемарена, улогата на обврзаност е една од најважните фактори во донесување на одлуката дали врската ќе биде пријателска или љубовна. Одлуката да се биде во романтична врска предвидува стабилност (Рузбелт, 1980) и се отсликува во намерниот избор да се работи при создавањето романтично партнерство.
И покрај тоа што многу пријатели би можеле да бидат добри партнери, токму одлуката и обврзаноста кон живот со одредена личност е она коешто води кон успех во врската.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.