Дали смеете да трчате кога сте настинати?
Ако сте еден од оние спортисти кои ја користат настинката како изговор да не трчаат или вежбаат, треба да знаете дека има ситуации во кои можете да го игнорирате малото нарушување на здравјето и да си го одработите тренингот.
Докторот и истражувач Дејвид Ниман, кој и самиот е тркач, има направено бројни истражувања на оваа тема. Во едно од нив следел 50 тркачи кои биле настинати. Половина од нив продолжиле да тренираат умерено и покрај настинката, а другата половина останала дома да мирува. Следејќи ги и споредувајќи ги резултатите кај двете групи, тој не забележал никаква поврзаност помеѓу процесот на опоравување и тренирањето. Така го воспоставил своето правило на вратот: ако чувствувате болка под вратот, како премаленост и болка во градите, тогаш останувате дома и чекате да оздравите. Но, ако проблемите доаѓаат од над вратот, како на пример, кивавица или затнат нос, тие не носат голем ризик и во таков случај можете да одите да трчате.
Сепак, вие самите треба да си го познавате добро својот организам и да процените дали сте спремни за трчање или не. Во едно друго истражување Ниман заклучил дека маратонските тркачи имаат шест пати поголеми шанси да се разболат веднаш по маратонот во споредба со луѓето кои не трчале. Секогаш постои одреден ризик. Колку и да сте мотивирани, ако имате температура над 37 степени тогаш морате да мирувате. Но, понекогаш кога се прашувате колку и дали сте болни, можете да одите на трчање без многу да се форсирате.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.