Дали сите ние сме зависни од нешто?
Сѐ повеќе и повеќе слушаме како луѓето велат „Леле, зависен/зависна сум од _____.“ Листата на зависности ја вклучува најновата технологија, музичките групи, телевизиски серии, видови чоколадо, списанија, часови по Зумба, па дури и филозофија. Можеме слободно да кажеме дека сите веруваат дека се зависни од нешто. И тука работите стануваат бизарни.
Што точно значи кога луѓето тврдат дека се зависни од _____, или пак дека сите се зависни од нешто? Дали луѓето навистина сакаат да бидат сфатени како зависници или пак, сакаат да кажат дека имаат одредено претерано однесување во нивниот живот? Ние веруваме дека станува збор за второто.
Луѓето кои велат, „Јас сум едноставно зависен/на од таа новата ТВ серија“ најчесто го кажуваат тоа со квази-признавачки тон. Постои елемент на засрамување во нивниот коментар, исто како да сакаат да кажат, „Едноставно не можам да си помогнам. Те молам не го осудувај моето однесување премногу строго. И секако, те молам ни мене не ме осудувај премногу строго.“ Постојат и ситуации каде што се бараат придружници во оваа вина преку тврдењето дека сите останати се зависници. И постои елементот „ова не сум јас,“ или „ова е само мал дел од мене“. Ова однесување се доживува како поделено, наводната зависност не се препишува на целата личност.
Понекогаш исповедта има човечка димензија, која ни покажува дека и најголемите херои имаат своја Ахилова пета. Тоа е начин на кој се покажува дека никој не може да има совршена и апсолутна самоконтрола. Некои луѓе пак, кои имаат огромна контрола во одредени делови од нивниот живот чувствуваат потреба да имаат области во кои ќе се чувствуваат послабо и порелаксирано. Тие размислуваат дека работат толку многу и прават сѐ што обврските бараат од нив, па зошто тогаш да не се опуштат во некоја друга област? Идејата дека ние ги контролираме овие области од нашиот живот и дека мора да добиеме некаков вид пауза во друга област е често размислување на зависниците.
Растегнувањето на терминот „зависност“ до овој степен не може на никому да му помогне. На овој начин многу активности и супстанци стануваат патолошки. Сѐ она што луѓето сметаат дека не треба да го прават, дека го прават повеќе од другите луѓе, дека уживаат премногу во тоа или пак, дека правејќи го чувствуваат некаква вина се претвора во „зависност“. Ова растегнување на терминот и употребувајќи го толку слободно ја зацврстува врската која многумина ја повлекуваат помеѓу зависноста и недостигот на самоконтрола. И покрај тоа што самоконтролата има улога во зависноста, таа сепак ја нема онаа улога која ја добива со ова ново значење на „зависноста“.
И за крај, ова растегнување на терминот може да доведе до минимизирање на зависноста. Таа не е позитивна особина, туку постоечка состојба која за многумина може да значи живот или смрт.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.