Дали шминкањето придонесува само за убавина?
Доколку сте љубители на шминкањето, сигурно сте забележале дека во козметичката индустрија постојано има многу новитети. Не само што новите модни трендови постојано нѐ изненадуваат, туку тие и влијаат на начинот на кој ја доживуваме убавината – сопствената и на тие околу нас.
Иако најчесто ја користиме шминката за да изгледаме поубаво и да истакнеме некој дел од лицето, шминкањето носи предности кои одат многу подалеку од подобрување на физичкиот изглед.
Кои се предностите од носењето шминка? Дали знаевте дека шминката може да ве промени на многу начини? Прочитајте како…
1. Позитивно делува на самодовербата
Кога ќе се нашминкате и отидете на состанок или на некоја важна средба, се чувствувате подготвено и сигурно, нели? Тоа не е само субјективно чувство туку психолошки феномен познат како ефект на карминот. Шминката ве прави да се чувствувате физички попривлечно, а тоа ви ја зголемува самодовербата. Затоа, кога и да имате важен состанок или важна средба, одделете малку време за да се нашминкате — тоа ќе придонесе да влезете со позитивни мисли на прагот на новите предизвици.
2. Формира заштитна бариера на кожата
Шминката ја штити вашата кожа од сонцето, УВ-зрачење и од загаден воздух. Тенкиот слој шминка создава одлична бариера и го спречува директното дејство на штетните влијанија од околината врз лицето. Иако не може во потполност да го спречи негативното влијание на околината врз кожата, таа значително го намалува ризикот од хиперпигментација или изгореници.
3. Има терапевтско дејство
Времето кое го одвојувате за шминкање може да го користите за бистрење на мислите и планирање. Нека вашиот омилен дневен ритуал биде периодот кога се посветувате на вашата кожа и лице. Кога ќе ја примените оваа навика ќе почнете повеќе да се цените себеси и ќе станете посвесни за вашата убавина.
4. Ја подобрува навиката за секојдневно чистење на кожата
Отстранувањето на шминката не е толку забавно колку и нанесувањето, но е многу важно за убаво и чисто лице. Преку чистењето не само што ја отстранувате шминката, туку и се ослободувате од вишокот масти на лицето.
5. Ја нагласува вашата убавина на фотографиите
Често, само тенок слој маскара може да направи да изгледате поубаво на фотографиите. Причината е психолошка, кога сте нашминкани се чувствувате опуштено и на фотографиите изгледате поприродно.
Автор: Катерина Каланоска