Дали различните интелектуални нивоа се проблем во врската?
Постојат повеќе причини поради кои луѓето влегуваат во врска. Можеби станува збор за потреба од партнер, физичка привлечност, некаква корист, заеднички интереси и сл. Но, по одредено време, еден од партнерите би можел да почувствува дека врската не го задоволува на интелектуално ниво. Дали различните интелектуални нивоа и интереси можат да бидат причина за крај на врската?
По првичната еуфорија, привлечност и пеперутки во стомакот, се спуштаме на земја и почнуваме со ладна глава да размислуваме за нештата. По одреден период од врската би се запрашале ли себеси дали вашиот партнер ви е компатибилен на интелектуално ниво? Да бидеме искрени, физичката привлечност е многу важна, но што ќе се случи ако имате потполно различни интереси? Можете ли да го замислите текот на вашата врска во иднина? За многумина преставува вистински проблем тоа што нивниот партнер нема исто или слично ниво на интелигенција. Тогаш тие не би можеле да разговараат на исти теми, не би се интересирале за исти случки и настани, не би делеле исти ниту слични мислења. Исто така, тука би се јавил и друг, поголем проблем. Што ако и двајцата почувствуваат дека не добиваат доволно во врската, па пробаат да најдат друга личност со која би делеле исти интереси? Доколку партнерите не се сретнуваат на исто ниво на комуникација, еден од нив би ја остварувал потребната комуникација со колега од работа на пример, па така лесно може да дојде до емоционално неверство, ако не и физичко. Луѓето често забораваат дека без разлика колку страст има во врската, доколку постојат големи проблеми со комуникацијата и делењето заеднички интереси, страста избледува.
Но, од друга страна, доколку партнерот е грижлив, ве сака, почитува, сака да ве види насмеани и се труди да ве задржи, колку различното интелектуално ниво може да преставува проблем? Можеби зависи од тоа колку вам овој фактор ви е важен. Секако, да не забораваме дека постојат различни видови интелигенција. Можеби не се интересира за политика или не го/ја бива во решавање математички задачи, но тоа не значи дека не е интелигентен/на. Затоа не би требало да избрзувате со донесувањето заклучоци од ваков тип. Многумина како решение на овој проблем би предложиле поттикнување на интелектуалната свест на партнерот. Како на пример, да го/ја насочите да чита книги, да купите карти за балет или опера и сл. Но, еве две многу важни прашања: Доколку се трудите да го наведете вашиот партнер кон работите за кои вие се интересирате, нели тоа би било навреда за него/неа? И уште поважно, дали фактот што вие слушате класична музика, а тој/таа слуша рок или ар-ен-би, ве прави попаметни од него/неа?
Со сигурност би можеле да заклучиме дека ист коефициент на интелигенција не е пресуден фактор за успех во врската. Кога влегуваме во врска, бараме личност со која ќе ги надополнуваме нашите разлики, а не наш клон кој би се согласувал со сите наши мислења без исклучок. Сепак, ова е прашање на личен избор. Сè зависи колкава е вашата потреба од партнер на вашето интелектуално ниво, колку овој фактор е пресуден за вас и најважно од сè, колку и двајцата би се труделе да ги надминете разликите.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.