Дали навистина можете да надоместите за пропуштениот сон?
„Не сум наспан/а неделава, ама затоа па ќе се наспијам за викендот и ќе надоместам за сѐ“ е реченица која многумина од нас си ја кажуваат додека се борат со заморот кој го носи работната недела. Научниците сепак велат дека пропуштениот сон може само делумно да се надомести.
Според научниците од Пен Стејт универзитетот во САД, спиењето за време на викендот може да избрише само дел од недостатоците кои ги создава недостатокот на сон. Тие спровеле истражување во кое испитаниците симулирале работна недела во која прво спиеле по осум часа, потоа по шест, а на крајот следувал викендот со по десет часа сон. Резултатите покажале дека откако сонливоста за време на денот се зголемила поради недостатокот на сон, зголеменото време поминато во спиење по „работната недела“ ја вратило сонливоста на нормално ниво. Кортизолот, хормонот на стресот, исто така се зголемил па значително паднал. Единствено концентрацијата и фокусот не биле на нивото од претходно.
Научниците сметаат дека ако добро се наспиете во деновите од викендот тоа ќе реши некои од проблемите поврзани со потребата од одмор, но не можете да очекувате да бидете целосно одморени, ниту доволно сконцентрирани кога тоа ќе ви биде потребно. На крајот, тие повторуваат дека е неопходна добра хигиена на сонот за секогаш да се чувствувате одморени.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.