Дали косата со тексас боја е новиот бјути тренд?
Ако вашата почетна страна на Инстаграм е „преплавена“ со фотографии од девојки со сина коса, тоа значи дека на прагот е нов бјути тренд. Изгледа во последно време девојките обожаваат да ја фарбаат својата коса во темно сина боја, односно бојата на материјалот тексас. Можеме слободно да кажеме дека девојките ширум светот сосема „полудеа“ за овој нов тренд на бојадисување на косата, па без обѕир на должината и квалитетот на нивната коса, тие решиле да испробаат како ќе им стои токму овој изглед. Ако ве изненадува овој бјути тренд, тогаш сетете се само на оние претходни трендови кои владееја ширум социјалните мрежи. Поконкретно, мислиме на коса во боја на виножито или фризурите инспирирани од познатите уметнички дела.
Со оглед на тоа дека и самите фармерки имаат различни нијанси, и косите на овие девојки се разликуваат. Станува збор за занимливи комбинации од различни тонови на сина, па дури и сива боја, која на некој начин го создаваат совршениот избор.
Доколку и вие сакате да ја испробате оваа боја, слободно експериментирајте со нијансите, а исто така, не мора да ја бојадисате целата коса, туку можете да испробате и омбре техника. Сините краеви особено добро ќе им стојат на девојките кои имаат црна боја на коса и скоро бела или сивкаста. Исто така, доколку имате сини очи и ја бојадисате вашата коса во слична нијанса, таа совршено ќе ги истакне. Без разлика кој избор ќе го направите, гарантирано ќе бидете забележани!
Откако ќе имате коса во ефективната боја, потоа треба да се посветите на вашата фризура. Ако веќе драстично ја променивте бојата на косата, тогаш можете да ја промените драстично и вашата фризура. На пример, долгата коса можете да ја скратите или пак да направите шишки доколку сте немале до сега. Варијациите во поглед на сосема рамна коса, благо навиткана и тотално извиткана коса се дозволени, а исто така можете да изберете помеѓу пунџа, плетенка или коњско опавче.
Идеалната шминка за оваа боја на коса е онаа во потемни нијанси, односно обидете се да ги нагласите очите со дебело исцртана линија со ајлајнер и со многу маскара. На усните нанесете некоја нежна боја кармин и тоа ќе биде доволно.
Ако во некој случај ве мачи гардеробата, и не знаете што може да одговара со оваа боја на коса, најдобро би било да изберете сигурни варијанти и да се одлучите за црна, бела, беж и тегет нијанси. На тој начин нема да изгледате „пренатрупано“, туку ќе изгледате елегантно и отмено.
Гледате дека воопшто не е тешко да имате впечатлива боја на коса? Дури, таа може да биде ваша предности, бидејќи покрај ваква фризура нема да ви бидат потребни други детали. Дали би го испробале овој нов моден тренд?