Дали и вие ги правите овие грешки за време на менструацијата?
Менструацијата е наша стара сопатничка уште од пубертетските денови. Ние живееме со неа од месец во месец и за нас таа е сосема нормална работа, како потребата за јадење и пиење, спиење, одење во тоалет… Но, токму заради тоа можеби и не обрнуваме премногу внимание на таа „сосема нормална работа“, па несвесно не си ги олеснуваме, па можеби дури и си ги отежнуваме тие денови во месецот. Затоа можеби е добро да ја повториме лекцијата и да се потсетиме на некои работи кои веќе ги знаеме, но не се обидуваме да се придржуваме до нив. Ова се долгогодишни навики кои можеби и не се најдобри за вас.
1. Заборавате да ги измиете рацете пред менување на тампоните
Ако сте во брзање, а морате да го промените тампонот, често заборавате да ги измиете рацете. А, на дланките и прстите се наоѓаат голема количина бактерии кои не би требало да дојдат во допир со вашата интима. Заради таквите „итни случаи“, на пример кога сте на патување, добро е заедно со тампоните да носите и интимни марамчиња или тампони со апликатор.
2. Не им давате прилика на менструалните чашки
Кој не пробал, не знае како е. Долго време немаше достојни алтернативи на тампоните. Со изумот познат како менструални чашки, тој проблем стана минато. Меѓутоа, многу жени не сакаат ниту да ги тестираат чапките, иако имаат голем број предност во споредба со тампоните.
3. Го оставате тампонот во себе во текот на ноќта
Не се препорачува некој во текот на ноќта да го остава тампонот во вагината. Ако предолго го носите ова парче памук во себе, ризикувате да се здобиете со токсичен шок синдром. Тоа е ретка, по живот опасна компликација на бактериска инфекција. Шок синдромот е резултат на токсините кои ги произведува бактеријата стафилокока ауреус, но причината исто така може да биде предизвикана и од токсините кои ги произведува групата А од бактеријата стрептокока. Затоа би било идеално да го менувате тампонот на секои 4 часа.
4. Секогаш користите тампони со нормална големина
Во почетокот на менструацијата, кај поголемиот дел жени крвавењето е релативно силно. Токму затоа во почетната фаза се препорачува да се користат тампони кои имаат поголема моќ на впивање. Тогаш нема потреба да се грижите дали ќе дојде до протекување. Ако крвавењето при крај е послабо, тогаш можете да користите и мини тампони за да го избегнете неудобното чувство на сувост кај носењето и отстранувањето.
5. Не пиете магнезиум
Недостатокот на магнезиум во организмот може да предизвика нередовен циклус кој често се манифестира со зголемено крвавење или болки. Магнезиумот е заслужен за опуштање на мускулите, па затоа за време на менструацијата се препорачува и консумирање храна богата со магнезиум (евентуално суплементи), а тоа особено важи за жените кои патат од силни менструални болки и грчеви.
6. Не знаете кога ќе добиете менструација
И тоа како е корисно да водите „дневник“ за добивање менструација. Така можете да ги забележите евентуалните неправилности, а кај драстичните промени веднаш да побарате помош од доктор. Доколку планирате да забремените, тогаш е особено важно да знаете сѐ за вашиот менструален циклус, за да можете да ги одредите плодните денови. За тоа постојат бројни едноставни апликации кои бесплатно можете да ги симнете на вашиот паметен телефон.
7. Не обрнувате внимание на конзистенцијата на менструалната крв
Кратко после почетокот на менструацијата, не е необична појавата на потемна, густа крв. За време на траење на менструација крвта добива посветла боја. Ако е потемна или како масло – тогаш треба веднаш да побарате совет од доктор.
8. Земате аспирин како средство против болка
Земањето некој препарат за ублажување на болките во нормални дози во принцип е сосема во ред, меѓутоа аспиринот треба да го избегнувате за време на менструацијата. Овој медикамент ја разредува крвта, па може да дојде до зголемено крвавење.
9. Не се занимавате со спорт за време на менструацијата
Спортот за време на менструацијата може да направи добро за вашето тело. Со движењето се опуштаат ткивата околу матката, па тоа може да доведе до ублажување на менструалните грчеви.
Прочитајте ги овие помалку познати факти за менструацијата.