Дали го казнувате сегашниот партнер поради грешките на бившиот?
Сте се запрашале дали поради лоша врска во минатото страда вашата сегашна врска? Го казнувате ли вашиот партнер поради грешките на бившиот?
Доколку сте биле повредени голема е веројатноста вашата сегашна врска да ги плаќа долговите за вашето страдање, што дури и кога самите ќе размислите сфаќате дека не е праведно. Но, понекогаш ви се чини дека не можете да ги контролирате чувствата.
Лошите врски од минатото знаат да се наметнат во сегашноста. Најчесто тоа се случува доколку во претходната врска сте биле изневерувани, излажани, третирани лошо, сте биле во опсесивна врска која ви ја одземала слободата, вашиот партнер бил премногу љубоморен итн. Тоа се како трауми кои ве попречуваат да имате целосна доверба во сегашниот партнер и предизвикуваат доза сомневање.
Како да знаете дека го казнувате вашиот сегашен партнер?
- Често го/ја споредувате со бившиот/ата партнер/ка.
- Кревате паника при негова најмала грешка.
- Правите кавги и за најбанални работи.
- Не му/ѝ верувате.
- Го преиспитувате во вашата глава секој негов/нејзин чекор.
- Ги потенцирате реакциите кои го/ја прават сличен/на со бившиот/та.
Како да ја спасите вашата врска?
Не е во ред да дозволите минатото да ја контролира вашата сегашност, а вашиот партнер не е принуден да трпи реакции кои не ги заслужува. Работете на:
Довербата – Како би се чувствувале доколку сте на негово/нејзино место? Ако вашиот партнер има доверба во вас зарем не ја заслужува и тој вашата? Довербата во секоја врска е тешко прашање, а најчесто и проблем. Тешко се добива, а многу лесно се губи, особено доколку сте под влијание на лошо искуство од минатото. Ако вашиот бивш партнер не ја заслужил вашата доверба, не значи дека и сегашниот не би требало да ја добие.
Разговор – Голема грешка е доколку ги чувате работите во себе и не разговарате со партнерот. Најдобро би било отворено да разговарате со вашиот партнер и отворено да го кажете вашиот проблем. Само не нагласувајте го премногу често, на никого не му се допаѓа улогата на жртва. Доколку има почит и разбирање кон вас ќе биде свесен/на за ситуацијата во која се наоѓате. Не заборавајте да потенцирате дека работите на решавање на овој проблем.
Самиот факт дека станува збор за различни личности – Не генерализирајте, не можете сите мажи или сите жени да ги ставите во ист кош, тоа е веќе стереотип. Навикнете се на помислата дека станува збор за сосема различна личност, со различни сфаќања, различен карактер, дека едноставно ништо не е и не може да биде како во вашата претходна врска.
Често знаеме да изградиме ѕидови околу нас со цел да се поштедиме од повторно страдање, но така само си правиме полошо не дозволувајќи си себеси да бидеме вистински среќни. За почеток примете го партнерот со доза сомневање, но секогаш давајте му шанса да ви докаже дека ја заслужува вашата доверба и може да ги урне ѕидовите околу вас.