Дали е во ред да сакате да бидете прифатени од сите?

Дали е во ред да сакате да бидете прифатени од сите?

Според психолозите, најголема емоционална потреба на една личност е безбедноста и заштитеноста. Всушност, кој не сака да им се допадне на другите? Сепак, обидот да им се допаѓате на останатите често е спротивен на вредностите кои ги негувате, па доаѓа до внатрешен конфликт. Затоа, воопшто и не треба да се обидувате да бидете сакани и прифатени од сите.

Дали е во ред да сакате да бидете прифатени од сите?

Многу одамна, Џон Ленон кажал:

„Да се обидувате да ги задоволите сите е невозможно – а ако го правите тоа, на крај никој нема да ве сака. Мора да размислите и да одлучите што е најдобро за вас и да го направите тоа.“

Да сакате да бидете прифатени и да имате потреба од тоа се две различни нешта. Сите сакаме да бидеме прифатени. Но, како да препознаете дали имате патолошка потреба за тоа?

  • Очајни сте
  • Прифаќате нешта што не ви одговараат
  • Немате контрола на внатрешниот компас
  • Врските се секогаш еднострани, површни и не водат кон ништо сериозно

Вашата потреба да бидете прифатени може да се спореди со тоа да јадете лоша храна која всушност не сакате да ја јадете. Како да работите работа која не ве возбудува. Лесно можете да бидете обесхрабрени од проблеми кои едноставно се решаваат.

Авторката Џојс Мејер во книгата „Зависност од прифаќање: Како да ја надминете потребата да ги задоволувате сите“ (Approval Addiction: Overcoming Your Need to Please Everyone) објаснува дека оваа потреба понекогаш доаѓа од преживеана траума поврзана со насилство, било да е физичко, вербално или емоционално.

Желбата за прифаќање доаѓа заедно со три непосакувани емоции: вина, срам и бес. Ниту една од нив не е здрава основа за создавање врска со себе и со останатите. Ако сакате да живеете живот со цел, треба да заборавите на оваа потреба, да им верувате на претчувствата и искрено да ги искажете вашите ставови.

Дали е во ред да сакате да бидете прифатени од сите?

Здравите меѓучовечки односи вклучуваат и конфликти и разлики

Можно ли е да се препознае кога вашата потреба за прифаќање не е здрава? Најпрво треба да бидете искрени со себе. Наместо да испратите порака, сретнете се со личноста. Охрабрете се преку разговор да ги искажете вашите чувства. Секако, сето ова не може да се направи преку ноќ, но со доволно ментални вежби ќе успеете да се изборите со емоционалните потешкотии и полесно да се изразите. Ако не го направите ова сега, ќе биде уште потешко во иднина. Сетете се само дека вашиот живот на оваа планета е само момент кој треба да го искористите и не смеете да се плашите што другите ќе мислат за вашиот избор.

Врските можат да бидат вистински, но во основата на секоја од нив постои и по некој конфликт. Кога на две лица им е удобно во меѓусебниот однос, тие се обидуваат да ја задржат и искреноста, која може да доведе и до караница. Штом доаѓа до ваков момент, тие двајца веќе знаат на каде одат и до каде се со она што им е заеднички.

Сигурноста треба да доаѓа и внатре од вас

Потребата за безбедност и сигурност е една од најголемите човечки потреби, но најпрво таа треба да доаѓа од вас. Дури и кога ви се чини дека нештата се распаѓаат, треба да си верувате на себе, но и да не се срамите да побарате поддршка од блиските. Сепак и во ваквите случаи треба да балансирате со околината, за да можете да го задржите квалитетот на односите што го имате со луѓето.

На пример, не можете да се обидувате да бидете прифатени со тоа што ќе се расфрлате со подароци, затоа што таквиот начин на прифаќање и припадност е очаен и нездрав. Кога сте начисто со своите емоции, ставови и верувања околу едно нешто, тогаш со сигурност ќе знаете дали некој однос, можност или состојба се добри за вас. Ова е важно за секогаш да бидете во тек со сè и вашата работа да биде на највисоко ниво. На овој начин ќе успеете да привлечете луѓе и можности кои се во согласност со вашите ставови и потреби.

Исто така, во ред е да „изгледате глупаво“ во 99% од ситуациите. Луѓето најчесто бараат совети за да не изгледаат глупави. Но, ако побарате инструкции или помош, тоа ве прави компетентни за вашата улога и искрени во желбата добро да ги завршите задачите.

Дали е во ред да сакате да бидете прифатени од сите?

Барате прифаќање на погрешно место?

Кога имате потреба за нечие одобрување и прифаќање, често тоа е погрешна личност. Потрудете се да избегнете зближување со личности со кои реално не ви е потребна блискост, ниту пак ви се допаѓаат нешто посебно.

Затоа, пред да сакате некому да му се допаднете, поставете си ги следниве три прашања:

  1. Од кого барам прифаќање и одобрување?
  2. На кои личности сакам да им бидам на располагање?
  3. Кои се луѓето со кои сакам да работам?

Откако ќе си ги одговорите овие прашања, запомнете едно: Не можете да ги задоволите сите. Не се ни обидувајте, затоа што така создавате лажни и површни односи со луѓето. Концентрирајте се на она што вистински го сакате и во кое можете да се вложите.

Квалитетот не зависи од другите

Ако сакате да станете добри во некоја област, тогаш не ви треба одобрување од други луѓе. Оние на кои вистински им значите, ќе ве поддржуваат какви и да сте. Споредете го ова со примери на познати музичари или уметници. Ако тие чекале одобрување од сите, тогаш сигурно немало да бидат снимени најдобрите песни, отсвирени најубавите мелодии и насликани најголемите уметнички дела. Не се стремете кон перфекционизам и дозволете си да бидете неинформирани за некои нешта.

Да не зависите од туѓото одобрување може да биде тешко за вас, особено ако сте личност на која постојано ѝ е потребно да ѝ се кажува дали нешто прави добро или не. Сепак, следете ги советите и обидете се да си докажете себеси дека навистина нема потреба од сето тоа. На тој начин може да избегнете и доста големи разочарувања.

Потсетете се и на овие 14 најлоши интервјуа за работа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар