Дали е себично да бидете среќни и да посветите време на креативно изразување?
Луѓето честопати не издвојуваат време за да се занимаваат со креативните работи што ги прават среќни и задоволни. Најчестиот изговор за тоа е дека постојат толку многу нешта на кои треба да им посветат внимание, што не би можеле да си дозволат да бидат себични и да мислат само на сопственото уживање. Токму поради тоа, тие не ги прават работите што ги сакаат како што се сликање, свирење некој музички инструмент, танцување и слично.
Според многумина, себично е да одвојувате време за развивање на вашата креативност, бидејќи на тој начин може да оставите впечаток на лоша личност која воопшто не се грижи за нејзините блиски.
Проблемот е во тоа што вие навистина сте креативни. Креативноста е дел од вас самите и од сето она што го правите. Креативноста е начин на постоење, гледање, размислување и дејствување. Не се работи само за привремено хоби на кое му се посветувате за време на дождливите викенди или откако ќе ги исперете алиштата, ќе ги измиете садовите, ќе го исчистите домот, ќе ги завршите сите домашни обврски и нема да имате што друго да правите.
Ако не посветувате време на креативноста, ќе запоставите еден голем дел од вас и тој ќе остане празен. Тоа може да доведе до чувство на незадоволство и тага, што е нормална појава кога постојано правите сѐ за другите, а не ги истражувате сопствените интереси. По некое време ќе почнете да се чувствувате виновни и уште посебични и несреќни, но и понатаму нема да ја развивате креативноста. Што мислите, како влијаете на околината кога емоциите што преовладуваат со вас се фрустрација, тага и чувство на вина? Сигурно не ширите позитивна енергија, каде и да одите.
Вистината е дека ако одвоите време за да создадете нешто, дури и да се работи за 15-30 минути дневно, ќе забележите огромна промена во вашето расположение. Нема да бидете фрустрирани и незадоволни. Целата енергија што сте ја потиснувале сите овие месеци, конечно ќе избие на површина.
Ако секој ден одвојувате по малку време за развој на вашата креативност, ќе почнете да чувствувате позитивни промени во сите аспекти од вашиот живот. Ќе бидете посреќни, пофокусирани, ќе го намалите стресот а ќе ја зголемите способноста да се справите со другите проблеми во вашиот живот. Ќе најдете поинаква смисла во вашето постоење и причина за насмевка.
Какво влијание мислите дека ќе имаат сите овие новооткриени позитивни емоции на вашите блиски? Како ќе реагираат тие на вашата зголемена толеранција, нежност, љубов и разбирање? Одвојувањето време за креативно изразување е сѐ само не себично. Посветувањето време за себе ќе ви донесе многу придобивки не само вам туку и на сите луѓе од вашиот живот кои несомнено ќе ги почувствуваат вашите позитивни вибрации.
Ослободете се од помислата дека сте себични, ставете им крај на чувствата на фрустрација и незадоволство и развивајте ја вашата креативност секој ден. Кога ќе ги видите крајните резултати, ќе сфатите дека би било себично да не го направите тоа.
Доколку не сте сигурни дали поседувате креативна жичка, обидете се да ги практикувате овие 12 навики кои загарантирано ќе ја поттикнат вашата креативност.