Дали домашните миленици се навистина добри за нас? Еве што велат експертите!
Многу љубители на животните мислат дека мачката или кучето ќе им помогнат да живеат подолго, посреќно и поздраво. Се поставува прашањето дали тоа може и научно да се потврди.
Доколку барате барем доказ дека вашиот домашен љубимец ќе ви го подобри општото здравје, следуваат повеќе докази. На пример, постојат безброј докази дека галењето со милениците го намалува бројот на срцеви отчукувања, како за сопственикот, така и за миленикот, што придонесува за намалување на стресот. Ова се однесува и на сопствениците кои чуваат какви било миленици, не само мачка или куче.
Постојат докази од Германија и Австралија, добиени врз основа на истражувања спроведени на 10.000 испитаници, дека сопствениците на домашните миленици помалку посетуваат лекари. Во Кина е утврдено дека сопствениците на животни имаат поздрав сон. Американската асоцијација за здравјето на срцето неодамна објавила податоци кои покажуваат дека шансите за преживување на срцев или мозочен удар се поголеми доколку чувате куче.
Постојат и други предности за сопствениците на куќните миленичиња, посебно за оние кои имаат мачки и кучиња. Научниците сметаат дека милениците во нашите домови ни го зајакнуваат имунитетот и ги намалуваат шансите за алергии.
Истражување од 2015 година во која се испитувани колонија габи и бактерии во 1.200 домаќинства во САД открила дека присуството на куче или мачка предизвикува поголема разноликост во 56, односно 24 класи на бактериски видови. Ова може да го објасни и уште едно истражување кое сугерира дека бебињата уште од најрана возраст треба да бидат во контакт со кучиња, со што имаат 13% помали шанси да добијат астма.
Со нив се чувствуваме подобро
Може да се потврди дека домашните миленици ни помагаат и подобро да се чувствуваме. Одговорните сопственици им овозможуваат многу поудобен живот, па затоа користа е обострана. Истражувањата покажале дека кучињата и мачките лачат повеќе окситоцин, хормон на љубовта, кога се во интеракција со своите сопственици.
Меѓутоа, кога подобро се анализираат овие резултати, може да се извлечат и други заклучоци. Многу научници нагласуваат дека милениците се фактор кој придонесува за нашата здравствена состојба, но и за финансиската состојба. Тоа е директно поврзано со поседување домашен љубимец, бидејќи чувањето куче или мачка може да чини. Заклучокот на некои од овие истражувања е дека оние луѓе кои имаат повеќе пари можат да си дозволат подобри услови на живот, а со тоа и имаат подобра здравствена состојба и можност да имаат куќно милениче.
Едно големо истражување спроведено во Калифорнија, во кое учествувале 5.200 семејства, не успеало да најде врска помеѓу чувањето милениче и општата здравствена состојба, бидејќи во студијата бил вклучен и факторот кој се однесувал на паричниот приход на домаќинствата. И други студии имале слични резултати.
Згора на тоа, постојат и докази кои велат дека милениците се и штетни за нас.
Милениците може да се штетни за нас
Едно истражување спроведено во Финска со примероци од 21.000 луѓе утврдило дека сопствениците на миленичињата имале зголемен притисок и повисоко ниво на холестерол во крвта. Покрај тоа, голем е бројот на луѓе кои барале медицинска помош поради касање од куче. Се проценува дека над 87.000 луѓе, посебно постари лица, во САД завршуваат во болница поради повреди добиени при шетање на кучиња. Посебен фактор се паразитите кои домашните миленици ги внесуваат во куќата.
Милениците на луѓето можат да им пренесат прилично тешки заразни болести, како салмонела или капноцитофаги – бактерии кои се наоѓаат во плунката на мачките и кучињата.
Постојат и недостатоци кои се однесуваат на емоционалната страна. Една од работите кои често се забораваат е грижата за животните кога се стари, чие негување може да трае со месеци или години.
Истражување од 2017 година во кое учествувале 238 учесници открило дека сопствениците со хронично болни миленичиња имаат високо ниво на стрес и анксиозност. А тука е и стресот кој се јавува во случај на смрт на миленичето.
И добри и лоши страни
Кога ќе се соберат сите предности и недостатоци, конечниот одговор на прашањето дали миленичињата се добри за луѓето или не, не е едноставен. Тоа зависи од луѓето и нивните животни околности, колку и да се различни и сложени.
Вистината е дека чувањето домашно милениче има и добри и лоши страни. Затоа е многу важно добро да се пресмета пред да се донесе одлука за набавување милениче, бидејќи сакањето животни не значи дека мораме и да ги поседуваме.
Најдобро е да се постави прашањето: што можам да направам за домашното милениче, наместо што миленичето може да направи за мене.
Милениците може да кажат многу за нас, па прочитајте што вели за вас вашето домашно милениче.