Чувствувате главоболка по тренинг? Ова се можните причини!
Една од најчестите придобивки од вежбањето е зголемувањето на хормонот ендорфин што придонесува да се чувствувате одлично. Меѓутоа, што се случува кога ќе се чувствувате лошо после тренинг? Во продолжение прочитајте за состојбата наречена „фитнес мамурлак“.
Што претставува фитнес мамурлак?
Според научниците, оваа состојба може да вклучува болка што ги спречува луѓето нормално да ги извршуваат своите активности, исто како мамурлакот предизвикан од алкохол. Едно истражување покажало дека симптомите на фитнес мамурлакот вклучувале исцрпеност, гадење и главоболки, болки во мускулите, екстремен замор, слабост и мачнина до 24 часа по тренингот.
Зошто се појавува такво чувство после тренинг?
Постојат повеќе биолошки причини поради кои може да се чувствувате лошо после тренинг. За време на вежбањето, резервите на гликоген во мускулите се исцрпени, а телото потоа се бори да го одржи нивото на гликоза во крвта, што може да резултира со чувство на замор и несвестица. Во исто време, со потење губите течност, а со тоа и сол, што го намалува крвниот притисок и предизвикува вртоглавица. Понатаму, чувството на гадење може да биде предизвикано од акумулација на млечна киселина во мускулите – за време на тренингот телото не може да ја задоволи зголемената потреба за кислород, па тоа доведува до формирање на млечна киселина, поради што луѓето се чувствуваат изнемоштени и имаат стомачни болки или грчеви. Сепак, сите овие симптоми може да бидат и знак дека можеби е време да забавите и да ги слушате знаците на вашето тело кои ви кажуваат да промените нешто.
Како да се спречи оваа појава?
Прилагодувањето на тренингот и исхраната е клучен чекор во избегнувањето на овие симптоми. Ако штотуку сте почнале да вежбате, не претерувајте, туку правете сесии со помал и пократок интензитет. Зголемувајте го постепено интензитетот на вежбите бидејќи така вашето тело се прилагодува на тренингот, гради поголема толеранција на млечна киселина и овозможува тренирање без болка.
Дури и ако имате искуство, не е паметно да го туркате вашето тело подалеку од точката на нормален напор бидејќи тоа може да доведе до физички, ментални и хормонски проблеми. Задолжително пијте вода за да ги надоместите изгубените течности, загревајте се пред тренинг, не јадете големи оброци пред тренинг и не занемарувајте ги потребите на вашето тело.
Откако прочитавте за причините за главоболка по тренинг, можеби ќе сакате да прочитате и дали е пожелно да се пие вода за време на тренинг.
Извор: ljepotaizdravlje.hr