Божиќни лижавчиња од мелени бисквити што ќе ги развеселат и возрасните
Лижавчињата-колачиња (или „cake pops“ како што се нарекуваат на англиски) ќе донесат многу радост на детските родендени, но идеални се и за време на празниците.
Овој креативен десерт, со кој може да се заблажите „од нога“, може да биде украс на вашата празнична трпеза, како и сладок подарок за вашите гости доколку ги завиткате лижавчињата во проѕирен целофан и ги заврзете со лентички.
Ако купите веќе мелени бисквити вашиот десерт ќе биде готов за само неколку минути, а не мора да бидете особено вешти или креативни за да ги украсите топчињата. Не се сомневаме дека божиќните лижавчиња на вашата празнична трпеза ќе ги израдуваат и возрасните исто колку и децата.
Потребни состојки:
- 150 г чоколадо за готвење
- 50 г путер (на собна температура)
- 150 г мелени бисквити
- 2 лажици рум (може да го замените со екстракт од ванила ако ги подготвувате за деца)
- 2 лажици кафеав шеќер
За украсување:
- 200 г бело чоколадо
- 180 г темно чоколадо
- шарени трошки, прехранбени светки, бисерчиња, ѕвездички итн.
- дрвени стапчиња за раженчиња или пластични стапчиња
Начин на подготовка:
- Во голем сад ставете ги мелените бисквити, омекнатиот путер на собна температура, растопеното чоколадо, румот и кафеавиот шеќер.
- Убаво измесете ги состојките со рацете и обликувајте топчиња, а потоа ставете го секое топче на стапче. За топчињата да не се вадат од стапчињата пред да го ставите топчето, натопете го врвот на стапчето во растопеното чоколадо.
- Оставете ги наредените лижавчиња во замрзнувач на 10 минути за смесата добро да се излади и чоколадото во кое подоцна ќе ги топите брзо да се стврднува.
- Натопете ги лижавчињата во веќе растопеното бело и темно чоколадо. Вртејќи ги во воздухот над садот тие веднаш ќе се ослободат од вишокот чоколадо, а потоа разубавете ги со шарени трошки.
Идеи за украсување: Може да направите снешко, така што ќе споите две топчиња со бело чоколадо и врвот ќе го украсите со шарени трошки наместо капа, ќе ставите мали очиња и портокалово мало носе. Наместо раце може да ставите солени стапчиња. Направете и чоколаден ирвас со уши од переци.
Бидете креативни и создадете различни новогодишни слатки украси со вашите деца.
Доколку сакате да подготвите и други изненадувања, ви ги предлагаме и меките празнични колачиња.