Бидете поефективни во учењето со помош на овие 4 совети
За време на тримесечје, полугодие или колоквиумска недела, учениците/студентите се под преголем стрес, уморни, а сепак се чувствуваат недоволно спремни за периодот кој им претстои. Постојат неколку начини да бидете успешен ученик/студент.
1. Спијте
Спијте по минимум 6 саати без разлика на сѐ. Ова правило најмногу треба да се почитува во времето пред тест/колоквиум. Многу е подобро да жртвувате некој час учење отколку да останете будни цела ноќ и следниот ден да не можете воопшто да функционирате. Нити фактот дека сте млади, нити енергетските пијалаци ќе ви ја донесат потребната енергија. Единственото нешто што создава енергија е квалитетниот сон.
2. Трудете се да се храните барем 80% здраво
Кога треба да правите проект, да учите или да правите нешто што бара голема концентрација најмалку препорачливо е да јадете голем оброк. Ако јадете двоен чизбургер, Кока-кола и плус десерт тогаш енергијата место да оди за фокусирање на зададената задача, ќе оди за обработка на храната.
Јадете т.н. „чиста храна“. Под ова се подразбира природна храна која не е обработувана. Значи, тука спаѓаат варената храна, свежото овошје и зеленчук, продукти од цело зрно како и сето она што не содржи конзерванси, високи нивоа на натриум, адитиви и сл. Исто така едно од најважните правила кај ваквиот начин на исхрана е дека ако има повеќе од 5 состојки тогаш веројатно е штетно по вашето здравје.
3. Вежбајте
Не само што е одлично за јакнење на телото и кондицијата, вежбањето исто така го подобрува сонот. Како резултат на вежбањето ќе се чувствувате посреќни и поспремни да се соочите со проблемите коишто ги имате, бидејќи при тоа се ослободуваат ендорфини кои го намалуваат стресот. Ќе спиете подобро, ќе имате пониско ниво на стрес и ќе добиете прекрасно тело – ова се дефинитивно најдобрите причини зошто уште сега би требало да започнете со вежбање.
4. Правете нешто што ве релаксира
Читајте книга, слушајте музика, почестете се со добар шопинг и сл. Ваквите активности барем на кратко ќе ве ослободат од обврските и ќе ве релаксираат. Но, немојте да се заборавите. Одвојте само 1 час за ваква активност. Паузите за време на учењето се навистина важни затоа што на мозокот му е потребно време да ги восприеми сите информации. Можете да учите 8 часа без престан, но вашиот мозок така сигурно нема да функционира добро. Одморете се малку и потоа продолжете со работа.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.