Анксиозност наспроти паничен напад: Која е разликата?
Без разлика дали во историјата на вашата фамилија постои ментална болест или пак истата сте ја развиле под дејство на постојаниот стрес на работа, нарушувањето на анксиозноста може да се појави во вашиот живот во многу непогодни моменти. Додека реакцијата на стресот е нормална во одредени ситуации, постојаното чувство на напнатост и загриженост може да доведе до посериозна штета, како на вашиот мозок, така и на вашето тело. Повеќето не сфаќаат дека постојат клучни разлики помеѓу анксиозноста и паничните напади, но многу е важно тие да се препознаваат и да се третираат под различни услови.
Знаејќи ја разликата помеѓу анксиозноста и паничните напади, вие ќе можете да ги препознаете симптомите и да добиете соодветна дијагноза која ќе ви помогне повторно да го вратите вашето ментално здравје. Значи, најпрво е важно да знаете што е тоа анксиозност и како таа може да се манифестира. Според Асоцијацијата за анксиозност и депресија во Америка, оваа состојба се карактеризира со постојана или претерана загриженост и напнатост која не може да се смири. Тоа значи дека се будите наутро и чувствувате страв кој трае во текот на целиот ден, а ова чувство на вознемиреност ве спречува да имате нормален секојдневен живот. Иако некое ниво на анксиозност е сосема нормално да се доживее, понекогаш дури и корисно бидејќи ве држи будни и концентрирани, тоа претставува проблем кога вашето тело мисли дека сте во опасност, што може да резултира со непријатни реакции.
Исто така важно е да забележите дека нарушувањето на анксиозноста во голема мера се разликува од депресијата. Иако и двете влијаат на вашето ментално здравје, депресивните луѓе се чувствуваат безнадежни, обесхрабрени и неспособни да ги извршуваат дневните задачи. Сепак, тие продолжуваат да ги извршуваат нивните обврски ден за ден, а неретко може да се соочат и со мисли за самоубиство. Од друга страна пак, анксиозните личности сакаат да ги извршуваат своите дневни задачи, но се загрижени од можноста за неуспех или пак дека ќе направат нешто погрешно. Ова чувство може да биде толку силно што има шанси да ги оддалечи од некои луѓе или работи кои некогаш ги сакале.
Исто така потребно е да се спомене дека анксиозноста е термин кој се користи за голем број ментални болести, како што е на пример агорафобијата и социјалната анксиозност. Сите овие состојби спаѓаат во категоријата „страв.“ Па, каде вбројуваат паничните напади? Мислете на овој начин: Анксиозноста е како поголема сестра на паниката. Оние кои се соочуваат со напади на паника во основа може да чувствуваат анксиозност која го предизвикува тоа. Поголемиот дел од времето анксиозноста се однесува на нарушувањето, а паниката се однесува на ненадеен и екстремен напад врз психата. Исто така можете да слушнете како некои луѓе ги мешаат поимите паничен напад и анксиозност, но во суштина тука постојат поголеми разлики. Можете да имате нарушување на анксиозноста и анксиозен напад, или пак нарушување на анксиозноста и паничен напад, но тоа не е секогаш исто.
Центарот за онлајн поддршка, MDJunction, објаснува дека паничниот напад се карактеризира со ненадејни, екстремни симптоми кои не мора да се појавуваат во серија настани. Личностите може да чувствуваат дека овие симптоми се појавиле неднадејно и нападот обично трае околу десетина минути. Во некои моменти ова може да се случи едно по друго, правејќи тоа да изгледа дека ќе трае засекогаш. За време на нападот на паника личноста се соочува со забрзано чукање на срцето, потење, треперење, чувство дека не добиваат доволно кислород, страв од умирање, треска и грижи за целосно губење контрола. Од друга страна пак, анксиозните напади не се појавуваат толку ненадејно. Според лекарите, анксиозниот напад повеќе доаѓа како реакција на стресна ситуација. Ако чувствувате дека имате некои од симптомите на паничен напад и ако тоа се случило после некоја страшна или неочекувана случка, тогаш најверојатно се соочувате со анксиозност. Овие напади побавно се развиваат, со текот на времето станувајќи поинтензивни, додека пак нападите на паника доаѓаат и си одат со истиот силен интензитет.
Без разлика дали се соочувате со непредвидливи напади на паника или пак се чувствувате ментално исцрпени од постојаните грижи, потсетете се дека вашето ментално здравје е поважно од крајниот рок, куќните обврски или нездравата љубовна врска. Доколку имате потреба, разговарајте со вашиот лекар за состојбата во која се наоѓате. Не дозволувајте анксиозноста или нападите на паника да ве одвлечат од животот што сакате да го живеете.