Акни кај возрасните луѓе: Како да се борите против нив?
И покрај тоа што повеќе не сте во тинејџерската доба, мозолчињата и акните и понатаму се дел од вашиот секојдневен живот, па токму затоа и свесни сте колку е тешко да се ослободите од нив. Без разлика на тоа што фармацевтската и козметичката индустрија напредуваат, сепак сè уште никој не пронајдил решение како да се спречи нивната појава.
Иако секоја личност има свои специфичности, и тоа што некому ќе му помогне во намалувањето или отстранувањето на акните, кај друга личност нема да биде толку ефективна, сепак секогаш се исплати да испробате некои нови препарати или да послушате некој совет, бидејќи никогаш не се знае што би можело да функционира кај вас. Еве неколку занимливи совети кои ги предлагаат дерматолозите, а кои може да ви помогнат во намалувањето на акните, односно побрзо решавање на последиците кога ќе започнат да излегуваат.
1. Употребувајте мраз
Кога ќе почувствувате дека некоја акна започнала да излегува, намалете го отокот со нанесување мраз. Лесно тријте го мразот на местото каде што излегла акната и тоа шест пати на ден по две минути. Немојте да го притискате мразот или да го држите предолго. Со мразот ќе извршите криотерапија, односно не само што ќе го намалите отокот, туку и ќе ги отстраните горните мртви клетки од кожата и површните бактерии. Исто така, со ова ќе овозможите кремата која потоа ќе ја нанесете полесно да продре во длабинските слоеви на кожата каде што се наоѓаат главните воспаленија.
2. Користете мед, лимон, домати и сода бикарбона
Медот има одлични антибектериски својства, па едноставното нанесување на местата каде што се наоѓаат акните може да помогне при нивно брзо исчезнување. Можете да го нанесете на парче лимон и сè заедно да истриете на лицето, особено на проблематичните делови. Почекајте десетина минути, а потоа измијте. Парчето лимон можете да го посипете и со сода бикарбона и со него да ги поминете проблематичните делови. Резултатот ќе биде очигледен. Исто така, можете да направите паста за лице од домат и мед, така што еден свеж домат ќе го претворите во пире и ќе го измешате со мед и така добиената компактна паста можете да ја нанесете на лицето. Почекајте 15 минути, а потоа измијте.
3. Исчистете го лицето се зелен чај
Не само што зелениот чај е одличен за организмот, тој исто така може да се користи како тоник за кожата на која што се наоѓаат воспалените процеси. Исчистете го лицето со изладен зелен чај и памук. Исто така, натопениот памук можете да го оставите на лицето да делува како маска околу десетина минути.
4. Паста од авокадо, маслиново масло, лимон и мед
Измешајте една лажица пире од авокадо, со една лажица маслиново масло, една лажица мед и сок од 1/4 лимон. Сето ова измешајте го добро за да добиете паста, а потоа нанесете ја на лицето и држете ја 15 минути.
5. Земајте пробиотици
Пробиотиците се добри бактерии кои му се потребни на нашето тело за да се подобри варењето и да се заштити од ширењето лоши бактерии кои предизвикуваат разни воспалителни процеси. Освен тоа што може да се најдат во облик на капсули во аптеките, многу поприроден и поефикасен начин е да се земаат преку исхраната. Млечните производи како што се јогуртот, кефирот и киселото млеко се богати со пробиотици, односно се препорачува нивната консумација на дневна база.
6. Намалете ја консумацијата на шеќери и млечни производи
Студиите покажале дека храната со висок индекс на гликемија и храната која содржи сирење не само што може да го зголеми создавањето на акните, туку може да биде и нивен активатор. Здравата исхрана и консумирањето производи со низок индекс на гликемија може да помогнат во решавањето или барем ублажување на проблемот со акните.