Адвокат за развод советува: 7 совети за да го сочувате вашиот брак
Ако сакате вашиот брак да потрае и да уживате во него, можеби вистинската работа е да ги послушате оние кои го раскинуваат. Адвокатите за развод безброј пати имаат слушано за тоа што тргнало наопаку во бракот, па најдобро знаат каде сопружниците грешат.
„Разводот не доаѓа случајно. Мажите често се однесуваат како одлуката да е донесена од жената, и тоа без причина. Меѓутоа, повеќето разводи се само последица на инерција“ – кажува Џозев Кордел, кој е ко-основач на адвокатска канцеларија специјализирана за фамилијарни односи.
Тој застапува претежно мажи, па затоа ни ги пренесува нивните искуства, предупредува за најчестите грешки кои тие ги прават и, врз основа на тоа, дава 7 совети кои вам ќе ви помогнат да си го зачувувате бракот.
1. Бидете свесни дека можете да ја изгубите
Мажите мислат дека од денот кога размениле завети сè е готово, но тоа не е вистина. Односот на сопружниците е постојано ранлив, не смеете да го земате здраво за готово. Кога ќе ја освоите – тоа не е крај, морате да продолжите да ја освојувате жената секој ден. Влегувањето во брак е само почеток.
2. Не заборавајте на ситниците
Како ѝ покажувавте дека се грижите за неа пред да стапите во брак? Дали ѝ ја отворавте вратата од автомобилот или од влезот во зградата, дали повремено ѝ купувавте цвеќе? Без разлика како изгледале вашите мали гестови и навики, немојте да заборавате на нив. За време на раната фаза од врската, со таквите безначајни нешта всушност ги покажувате вашите чувства кон жената. Ако некогаш престанете, таа ќе помисли дека престанале и вашите емоции.
3. Имајте повеќе секс
Немојте да бидете нејзин „цимер“, бидете нејзин љубовник! Ако блискоста помеѓу вас се намалува, тогаш имате проблем. Ако само ги одгледувате децата и се препуштите на рутината, повторно имате проблем. Оставете ги телефоните, држете се за раце, гледајте се во очи, запалете свеќи, вечерајте заедно. Никогаш не заборавајте на сексот, зачувајте ја страста во односот – тоа е важен фактор во бракот.
4. Бидете добар партнер за разговор
Партнерите често паѓаат во стапицата „мртва“ комуникација во бракот. Не разговараат доволно за своите животи, а тишината не го одржува бракот цврст. Држењето на јазикот за забите прави вашиот партнер да се чувствува запоставено и недоволно блиско со вас. Затоа секогаш разговарајте еден со друг, дури и кога мислите дека немате да кажете ништо спектакуларно. Ако не сте расположени за разговор, тоа е во ред, кажете ѝ дека ќе разговарате подоцна.
5. Не очекувајте да биде совршена
Не можете да промените никого освен себе, затоа немојте да се трудите да ја промените вашата партнерка. Помирете се со фактот дека никој на овој свет не може да биде идеален или да ви ги исполни сите очекувања. Секој човек може да погреши, исто како и вие. Најдобар однос имаат луѓето кои едни на други се гледаат како еднакви.
6. Знајте дека нема секогаш да сте среќни
Потешкотиите во секојдневниот живот можат да го прекинат сјајот во секој брак. Но ако се надминат, кризите можат да бидат нови почетоци и да го зацврстат вашиот брак.
7. Играјте во ист тим
Без разлика на тоа колку не се согласувате, никогаш не заборавајте дека вие не сте непријатели и дека не работите еден против друг. Вежбајте опростување, бидете отворени, зборувајте за вашите чувства и воздржете се од големи навреди.