А таа ЉУБОВТА, има рок на траење?
„Комарецот живее еден ден, розата три дена. Мачката живее 13 години, а љубовта три. Најпрво една година страст, потоа година нежност и на крај година здодевност.“ Вака напиша Фредерик Бегбедер во „Љубовта трае три години“. И сега што? Би требало да одбројуваме кога ќе заврши љубовта, да го чекаме крајот? Еден, два, три…се доближуваме до несреќата…Можеби има некоја вистина, всушност цврсто верувам дека љубовта е поделена на фази. Можеби има еден период кога исчезнува таа првична заљубеност и пеперутките во стомакот се ништат при самиот удар со стварноста. Стоп – тој и не е така совршен. Стоп – ужасно ме нервира што мојата девојка толку се шминка, зарем не е природно убава? Стоп – леле, кога ќе научи да го спушта капакот од ВЦ школката? Риалити чек, тој/таа има маани. Но, уште поголем риалити чек, и ти имаш.
Ќе го цитирам Бегбедер уште еднаш, па нели неговата книга е инспирација за денешнава колумна, „По три години парот мора да се раздели, да изврши самоубиство или да направи деца, тоа се три начини да го ратификува својот крај.“ И што, во првата година оди: „Ако ме оставиш ќе се убијам“, во втората: „Ако ме оставиш ќе страдам, но ќе закрепнам“, а во третата: „Ако ме оставиш отворам шампањско“ ???
Ако го тргнеме настрана ова одбројување, можеби нема строго правило до кога трае, но можеби навистина има рок на траење. Можеби навистина по одреден период, за парот да остане заедно, треба да има нешто друго што ќе ги држи еден до друг, како деца, материјална корист, ситуираност, сигурност, немањето големи шанси и можности да се започне одпочеток… Којзнае?
Но, да бидеме реални, сè има рок на траење, од млекото кое ќе го купите во маркет, па сè до вашиот шпорет. Сè кога-тогаш ќе се расипе, уништи, скисели. И во овој свет, каде сè е толку минливо и непостојано, зарем не ни треба нешто цврсто и сигурно? Мајка ми, цврсто противејќи се на рокот на траење на љубовта, ми рече: „Љубовта е жарче, ама види вака Ели, не зборуваме за онаа заљубеност на шестоодделенците, туку вистинската љубов, е таа е жарче. И само гори, пушта искри, некогаш повеќе, некогаш помалку, но гори, не прекинува… Љубов е кога со задоволство го делиш она што го имаш, а не се караш за она што го немаш.“ Има рок на траење вашата љубов кон родителите, жарчето кое гори за татковината, или љубовта кон браќата и сестрите? Не мислам дека тие се ограничени ресурси.
„Љубовта е величествена катастрофа: Да знаеш дека се залетуваш кон ѕид, и сеедно, да забрзуваш. Да се втурнуваш во пропаст со насмевка на усните, љубопитно да го чекаш моментот кога работата ќе се засере. Љубовта е единствено програмирано разочарување, единствена предвидлива несреќа од која се бара репете.“
Би сакале да знаете како завршува книгата? Бегбедер благо ќе ви препорача да не ве залажува насловот. Контраст, пресврт, парадокс… Всушност, оние кои најмногу мрчат за љубовта и оние кои најмногу негативно ја критикуваат, се оние кои најмногу ја посакуваат. Сè е индивидуално, секој различно ќе ги доживее работите, секој сака различни нешта во животот и се стреми кон различни цели. Човек како човек, може да сака, па да престане да сака. Но, на крајот на краиштата, секој сака да има некој покрај себе кога ќе доживее старост, некој кој ќе го држи за рака… Така што, по долго размислување и премислување, ќе речам остро НЕ, љубовта нема рок на траење, но само ако е вистинската… е како да знаеме дека е вистинската, не знам, не можам да ви кажам, не сум доволно зрела за да ја дефинирам затоа нема ни да пробам.
Внимавајте, и вашето кафе има рок на траење, секако откако ќе го подготвите. Кафето го губи вкусот и свежината после дваесет минути, затоа не оставајте го да ве чека, консумирајте го жешко. 🙂
До следното читање,
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.