9 знаци дека не треба да брзате со стапување во брак

9 знаци дека не треба да брзате со стапување во брак

За паровите кои веќе се вериле или живеат заедно, а венчавката е на повидок, важно е да ги средат сите аспекти на врската пред, а не откако ќе застанат пред олтарот. Наместо слепо планирање на свадбата, добро е да се инвестира во врската, но и да се направи ревизија на минатото и можните сценарија од иднината за партнерите да бидат сигурни дека се со вистинската личност. Токму затоа и ги издвојуваме советите од терапевтите за брак и семејство кои ни ги откриваат најчестите знаци што укажуваат на тоа дека не треба да се брза со ставање потпис кај матичар.

9 знаци кои кажуваат дека не треба да брзате со стапување во брак

1. Партнерот често им дава предност на другите наместо вам

Сте забележале дека откажува договори во последен момент, не го цени вашето време или им дава простор и на не толку важни нешта во периодот што сте го договориле само за вас? Можеби биле само неколку такви моменти, но ако почнува да станува често и премногу очигледно, многу е веројатно дека врската веќе не е меѓу најважните приоритети.

2. Комуникацијата ви е лоша и безлична

Наместо да имате продуктивни разговори во врска со заедничкиот живот, вашиот партнер ги избегнува или пак, многу се противи? Комуникацијата е движечка сила на сите меѓусебни човечки односи, па така и на бракот. Доколку не можете да разговарате за потешки теми, особено од областа на семејниот живот, тогаш најмалку еден од вас не е подготвен на големиот чекор.

9 знаци кои кажуваат дека не треба да брзате со стапување во брак

3. Некој од вас изневерил во текот на врската

Доколку вакво нешто се случило во минатото, добро е да се разгледаат причините и околностите пред да се прости неверството. Понекогаш навистина неверство се случува само еднаш и тоа често во афективна состојба, но ако имате информација дека често се повторува, тогаш дефинитивно не е време за брак. Истото важи и доколку вие сте биле партнерот кој изневерил.

4. Веќе не зборувате за секс

Ако не разговарате за сексот, нема да дојдете до тоа да кажете што ви се допаѓа, а што не, ниту пак што ви пречи или што сакате да подобрите. Ако партнерот категорично одбива да се вклучи во ваков разговор, тогаш е сигурно дека истото ќе се случува и откако ќе си кажете „Да“ еден на друг.

9 знаци кои кажуваат дека не треба да брзате со стапување во брак

5. Имате проблем со зависност

Овој проблем не секогаш го расипува заедничкиот живот, особено ако партнерот има контрола врз тоа што го прави. Секогаш можете да разговарате и да го замолите да намали или да прекине со тоа што му штети. Но, доколку самиот партнер одрекува дека има проблем, истиот тешко би се решил во следните години, а можеби и до крајот на живот.

6. Ако неодамна сте имале некаква значајна животна случка или пресврт

Доколку вашиот партнер изминатиот период доживеал болест (своја или на близок), смрт на член од семејството, нова работа или селење во подалечно место, тогаш и двајцата треба да го преиспитате временскиот план. Понекогаш е добро да се одложи свадбата додека нештата дојдат на свое место.

7. Сака да ве контролира и е избувлив

Сите имаме лоши денови и не секогаш сме најдобрата верзија од себе. Сепак, ваквата раздразливост и избувливост треба да се надмине. Доколку, пак, овие карактеристики се дел од секојдневното однесување на вашиот партнер, многу е веројатно дека и во бракот ќе сака да ја има контролата над вас, но и дека ќе има емотивни избувнувања кои сигурно нема да ви се допаднат.

9 знаци кои кажуваат дека не треба да брзате со стапување во брак

8. Има сериозно ментално нарушување

Стресот што се појавува при планирање на венчавка може сериозно да влијае врз менталното здравје на парот. Доколку еден од партнерите се соочува со тешко нарушување, неопходно е плановите да се одвиваат со помал интензитет, без притисоци и без предизвикување ситуации кои може да ја влошат состојбата. Исто така, колку и да звучи грубо, партнерот сериозно треба да размисли дали ќе може да се носи со состојбата на брачниот другар и понатаму во животот.

9. Имате тајни еден пред друг

Без разлика дали се работи за некоја ситница или пак за криење на вистината за важна работа, тоа ја руши константноста на врската. Понекогаш се нијанси во прашање за тоа дали некоја лага била кажана за да се заштити партнерот додека нештата да се средат или за да се скрие нешто сериозно и другиот да живее во некаква заблуда. Споделувањето на тајните често ја става врската на тест, па ако го поминете, тогаш можете да продолжите со планирање на следниот чекор. Но, доколку и двајцата сте влезени во мрежа на лаги, тогаш треба да се запрашате и дали воопшто треба да продолжи вашата врска.

Нема потреба од брзање: Науката открива и дека најдобро е да се има деца на 35-годишна возраст!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар