9 теми на кои среќните парови редовно дискутираат
Постои студија која вели дека паровите кои разговараат на важни теми се посреќни од оние кои прават „празни муабети“. Во ова истражување учествувале 79 студенти чии разговори биле снимани и анализирани. Разликата се состоела од разговори околу храната и времето и дискусии за образование, филозофија и религија. Субјектите кои најмногу уживаат во разговорите посветуваат само 10% на разговори поврзани со секојдневието, а оние кои најмалку уживаат во разговорите со партнерот 28% од нивното време го користат за „празни разговори“.
Бидејќи студијата сѐ уште се води, истражувачите не можат да заклучат дали луѓето се среќни поради длабочината на разговорите кои ги остваруваат или разговараат на длабоки теми затоа што се среќни. Еленор Рузвелт рекла: „Големите луѓе дискутираат за идеи, а малите за луѓето околу нив“. Без разлика дали се длабоки или не, пронајдовме 9 теми на кои мислиме дека сите парови треба да дискутираат.
1. Најсрамните моменти
Ако не можете да ги споделите вашите најсрамни моменти заедно со партнерот, тогаш со кого би ги споделиле?! Не се плашете да ѝ пристапите на темава и да се потсетите на сите глупости од вашите средношколски денови. А кога ќе ги споделите вашите, сигурно и вашиот партнер ќе се отвори на истата тема. Така уште повеќе ќе се запознаете и ако ништо друго, барем искрено ќе се насмевнете.
2. Стравови и несигурности
Товарот станува полесен кога го споделувате со најблиските. Разговарајте со партнерот за сето она што ве плаши. Што е тоа што сакате да го промените кај себе? Да, со тоа што се отворате станувате ранливи и ризикувате да ви судат, но исто така добивате шанса да бидете разбрани и да ви се укаже помош за проблемот со кој се соочувате.
3. Политички ставови
Во држава каде што политиката владее, важно е да ги знаете политичките ставови на вашиот партнер без разлика дали се согласувате со него/неа или не. Треба да имате можност да дискутирате за вашите лични ставови и мислења, а вашиот партнер да не го сфати тоа премногу лично. Тоа е во јадрото на секоја успешна врска.
4. Детство
Прашајте го партнерот каков бил за време на детството. Дали лесно се спријателувал/а? Какви игри играл/а? Дали бил/а проблематично дете? Освен потсетувањето на најубавиот период од животот, можете да добиете значајни информации како тој/таа станал/а личноста која е денес.
5. Минати врски
Една од најглупавите и најтешките теми кои секоја врска мора да ги помине. Секако, мора да сте расчистиле со минатото и да сте спремни да ѝ пристапите на иднината. Исто така, добро е да го признаете вашето минато, затоа што поради него сте станале личноста која сте денес. Со доволно пракса, среќните парови знаат како да зборуваат за нивните минати врски без да го споредуваат сегашниот партнер со минатиот.
6. Семеен живот
Кога го знаете односот на вашиот партнер со неговите/нејзините родители, ќе го дознаете и неговиот/нејзиниот став кон ова прашање. Ако планирате иднина со него/неа тогаш добро е да прашате како стои со неговото/нејзиното семејство бидејќи тоа е најдобриот показател за тоа што тој/таа мисли.
7. Моментални случувања
Ова не подразбира озборување, туку дискутирање за настани кои се случиле во светот и околу вас. Во време кога информациите се најмоќната валута на времето, скоро и невозможно е да не дознаеме што се случува надвор од нашето место на живеење. Освен што ќе водите значаен разговор, голема е веројатноста да научите нешто ново.
8. Иднината
Можеби и најстрашното нешто на листава и во животот воопшто. Сепак, разговорите поврзани со иднината се од голема важност за врската бидејќи така гледате дали сте на иста бранова должина со партнерот. Секако, не треба да вршите притисок и да разговарате само за брак и деца, туку да ги дознаете неговите/нејзините цели, соништа и аспирации кои ги водат во животот.
9. Филмови и серии
Во споредба со политика и личните афери, ваквата разонода изгледа прилично плитка, но дискусиите поврзани со филмови и серии спаѓаат во „категорија на длабоки теми“. Под услов тема на разговор да биде дејството и карактерот на ликовите, а не колку е згоден главниот лик.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.