9 работи за кои ќе зажалите што не сте ги направиле порано

9 работи за кои ќе зажалите што не сте ги направиле порано

„Луѓето често знаат да кажат дека животот е прекраток за да се каете. Но, вистината е дека е предолг.“ – Сара Адисон Ален

(3)-9-raboti-za-koi-kje-zazhalite-shto-ne-ste-gi-napravile-porano-kafepauza.mk

Колку пати во разговор со некоја постара личност сме ја слушнале изреката: „Ех, да ми се твоите години, но паметот кој го имам сега?“ Дали сте се запрашале некогаш што овие зборови кријат позади себе? Сигурно станува збор за многу работи за кои им е криво што не ги направиле или би ги направиле поинаку. Каењето е силно и опасно чувство, но уште потешко од него е моментот кога се наоѓате себеси како жалите што сте пропуштиле некоја прилика, сте оставиле важна личност да замине од вашиот живот, не сте презеле чекори за подобро утре. Токму затоа вие можете да го слушнете советот на постарите и да ја искористите шансата да не зажалите што не сте ги направиле следниве работи порано.

1. Правење на првиот чекор

Ако нешто е сигурно, тогаш тоа е фактот дека во животот не треба да чекате некој друг да го направи првиот чекор. Ако сакате нешто – подадете рака, ако ви се допаѓа некој – пристапете му. Направете го првиот чекор за себе, не за другите. Тоа нема да значи дека сте нестрпливи туку баш напротив, дека имате храброст да ги земете работите во свои раце и ако ништо друго, да знаете барем дека сте се обиделе.

2. Справување со стравовите

Стравот е единствената работа која може да ве спречи, но истовремено и мотивира да направите чекор напред. Само замислете момент кога би имале можност да се искачите на врвот на Ајфелова кула, но стравот од височини да ве спречува во тоа. Како се чувствувате? Сите тие луѓе на врвот, а вие уплашени и стуткани на сигурно. Но, што е со она што го пропуштате? Убавината на неверојатниот поглед од врвот кој засекогаш ќе остави впечаток на вас. Дали навистина ќе дозволите тој страв да ве спречи? Бидете храбри и изборете се со вашите стравови, бидејќи можно е некои шанси да не се појават повторно.

3. Станување личност која ви се допаѓа

Тоа што многу често го забораваме додека сме зафатени задоволувајќи ги потребите на останатите луѓе е да се ставиме себеси на прво место. Не станува збор за себичност, туку напротив, станува збор за работење на себе, на градење на личноста на која ќе се гордеете, која ќе биде исполнета и задоволна со себеси и која само тогаш ќе може навистина да го посвети своето време на други луѓе. Денес направете нешто за себе, прочитајте ја книгата која толку долго ја оставате на страна, запишете се на курсот по италијански јазик, направете повеќе за себе. Утре може да биде касно.

4. Ставање на сопствената среќа на прво место

Бидејќи никој друг нема да го направи тоа. За жал, денес живееме во свет во кој секој ги гледа само своите потреби и се грижи единствено за себе и за никој друг. Но, тоа нема никаква поврзаност со вашата среќа, бидејќи таа е само ваша одговорност. И дури и ако тоа значи дека некогаш ќе треба да бидете себични, тогаш бидете. Направете го она кое ќе ве исполни вас, она поради кое вие ќе се чувствувате поубаво и не плашете се да ги направите потребните чекори кон постигнување на таа среќа.

(1)-9-raboti-za-koi-kje-zazhalite-shto-ne-ste-gi-napravile-porano-kafepauza.mk

5. Вежбање

Во секоја смисла на зборот. Вежбање на себе, на своите способности, на својот физички изглед, на своите познавања. Постојаното вежбање значи дека имате волја да работите на себе, да бидете подобри од секој агол, да постигнете некоја долго посакувана цел, истовремено давајќи си себеси рутина на која можете да се потпрете и на која можете да ѝ верувате.

6. Отстранување на негативната енергија од вашиот живот

Секој човек е способен да види добро во луѓето кои го опкружуваат и во работите кои му се случуваат. Но, проблемот е во тоа што не секој сака да го направи тоа. Свесно или не, постојат луѓе кои едноставно не сакаат да ги отворат очите и срцето и да им дозволат на убавите работи да внесат позитивна енергија во нивниот живот. Порано или подоцна, истите тие ќе мора да се соочат со ѕидот кој го изградиле пред себе и кој ги спречува да видат подалеку од него, но истовремено не им дозволува ни на другите луѓе да ѕирнат внатре. И што тогаш? Кога ќе се најдете себеси сами и исполнети со негативна енергија, дали ќе посакате да се вратите назад? Веројатноста е да. Затоа почнете уште денес. Бидете позитивни, гледајте го доброто во луѓето, посветете се на тоа да бидете опкружени со позитивна енергија и убави случувања. Така ќе бидете и самите пооптимистични и отворени за нови предизвици за кои верувале или не, ќе имате многу повеќе доверба во себе и другите.

7. Поминување што повеќе време со луѓето кои ги сакате

Бидејќи на крајот на денот сè се сведува на тоа со кого можеме да го споделиме тоа што ни се случува. А тоа се луѓето кои ги сакаме и не сакаат, оние кои се тука за нас кога најмногу ни требаат, оние кои би направиле се за нас. Во овој момент, земете го телефонот во рака и јавете им се на саканите или уште повеќе, влезете во автомобил и одете да ги посетите. Времето поминато со најблиските е драгоцено и никогаш не треба да го земате здраво за готово. Никогаш не знаете што може да се случи утре, затоа немојте да се доведете себеси во ситуација кога ќе зажалите за нешто што не сте го кажале или направиле.

8. Ценење на животот што го имате

Додека ставот дека секогаш може подобро има неверојатна сила да нè мотивира да направиме повеќе, она што истовремено може да го предизвика и тоа со поголем интензитет, е големо незадоволство од животот кој го живееме. Концентрирајќи се на тоа што можеме да го подобриме утре, забораваме дека живееме денес, забораваме дека сме опколени со многу луѓе кои нè сакаат, забораваме дека живееме живот кој има сила да нè исполни доколку му го дозволиме тоа. Звучи клише, но денес се разбудивте и станавте од кревет, ги прегрнавте саканите и имате шанса да направите нешто убаво и продуктивно, а тоа е веќе многу повеќе од она што го имаат останатите. Не дозволувајте алчноста за повеќе да ве спречи да видите колку многу веќе имате, бидејќи доколку сте невнимателни, може да останете и без тоа.

9. Ослободување од минатото за да продолжите понатаму

Најголемата пречка во животот, секако после стравот, е минатото и фактот дека немате расчистено со луѓе и работи кои биле дел од него. Но, за да можете целосно да се посветите на подобро утре, мора што поскоро да се ослободите од стегите на минатото. Кога повеќе нема да имате нешто што ве влече назад, само тогаш ќе можете да одите напред во секоја смисла на зборот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар