9 причини поради кои ги губите пријателите и тешко стекнувате нови
Стекнуваме пријатели во нашето маало од детството, потоа во средно училиште, па на факултет нови луѓе влегуваат во нашиот живот и на крај најчесто се дружиме со колегите од работа. Всушност, добар дел од нашиот социјален живот се случува токму на факултет или на работа. Потоа некако станува тешко да стекнеме нови пријатели иако сме истата пријателски настроена личност како и претходно, па честопати дури остануваме и без друштво кога ни е потребно. Губиме пријатели со текот на времето, но тешко стекнуваме нови. За тоа постојат повеќе причини во врска со кои може да се направи нешто.
1. Живееме во строго дефинирани групи
Групите на кои припаѓаме се строго дефинирани и тешко се влегува и излегува од нив. Кога имаме средба во кафуле со колегите од работа тука нема место за оние од факултет. Кога се гледаме со пријателите од детството нема место за оние од работа. А кога се дружиме со најблиските пријатели доволни сме си самите на себе. На крај завршуваме во мали затворени кланови од по неколку луѓе кои се единствените на кои можеме да се потпреме во животот. И некои други живеат на ист таков начин и затоа не можете да стекнете нови пријатели. Тоа станува уште попроблематично ако загубите некого поради причините кои следуваат.
2. Приоритетите се менуваат
Интензивно сте се дружеле со вашите пријатели, но во меѓувреме сте нашле момче/девојка или сте основале семејство и приоритетите се менуваат. Сега повеќе време поминувате со нив и ги запоставувате пријателите. Ако кај вашиот/ата партнер/ка се појави и љубомора во врска со нив, можеби ќе ги запоставите уште повеќе под тој притисок. Нормално е повеќе време да посветувате на љубениот/ата или на децата и пријателите мораат да го разберат тоа, но ниту вие не треба да заборавите дека пријателствата треба да се негуваат. На вашите пријатели им е потребен пријател и ќе ги загубите ако ги запоставите.
3. Продолжувате со животот
Се селите во друг град или земја заради образование, работа или брак, но за сето тоа време животот во местото од каде што сте заминале и сте ги напуштиле пријателите не стои во место. Како што вие си го живеете животот таму некаде, така и вашите пријатели мораат да се снаоѓаат за друштво и врските слабеат. Потоа почнувате да се надевате дека повторно ќе си ги вратите старите пријателства какви што биле некогаш, но тоа не се случува, туку само ве спречува да стекнете нови и да се зближите со нив.
4. Недостаток на време
Ако заглавувате на работа до доцна, не е за чудење што сиот социјален живот ви се случува на работното место. Кога ќе стигнете дома немате енергија за излегување и дружење со пријателите кои ги имате ниту за запознавање нови луѓе. Сепак, обидете се некако да го покачите нивото на енергија за да можете да излезете и да не останувате секој ден пред телевизорот и компјутерот во слободното време.
5. Виртуелни пријателства
Пријателствата сè повеќе се случуваат на интернет. Тој овозможува лесно да ги контактирате старите другари од средно или некои од детството, но проблемот е кога тоа станува доволно и не чувствуваме потреба за поблизок контакт со овие луѓе. Истото важи за новите луѓе кои ги запознаваме. Ако со тие луѓе „се гледате“ само на Фејсбук, нема да стекнете нов пријател. Затоа иницирајте што е можно повеќе средби во живо со нив.
6. Сфаќате дека веќе не си одговарате
Доброто пријателството подразбира разбирање и затоа е нормално тоа што по некое време можете да сфатите дека овој или оној пријател не ви одговара од различни причини и да се разидете со нив. Сигурно ви е случило со некој пријател од детството да се развивате во различни насоки, едниот се надградува интелектуално а другиот не, па по некое време едноставно веќе немате заеднички теми на кои може да зборувате. Друг проблем поврзан со компатибилноста е и потребата да се ставите во некаков калап кој ја одредува вашата личност. На пример, сакате личности кои слушаат одреден тип музика, кои се бават со определен спорт, се облекуваат на одреден начин или кои се бават со угледна професија. Со тоа се скратува можноста да се зближите со различни луѓе кои можат многу да го збогатат вашиот живот.
7. Лошо искуство од старите пријателства
Ако порано сте биле предадени од пријателите тоа не мора значи дека и некој друг ќе го направи истото. Грешите и ако постојано повторувате дека пријателите се со вас само додека можат да ве искористат или дека никој вистински не знае да ве цени. Ако се најдете во таква ситуација размислете за своите постапки затоа што тоа може да биде она поради кое ги губите пријателите и не можете да стекнете нови.
8. Сомнеж и предрасуди
Сигурно ви се случило да судите за некого кој штотуку сте го сретнале, а потоа да зборувате како ви изгледа чуден/чудна и слично. Нашиот мозок сака непознатите работи за неколку моменти да ги направи познати, па затоа често нè лаже со такви дезинформации, давајќи ни искривена слика за нив затоа што сè уште не ги познаваме добро. Обидете се подобро да ги запознаете овие луѓе, можеби во нив се кријат вашите идни одлични пријатели.
9. Непреземање на иницијатива
Некои луѓе се прекрасни, но никогаш не преземаат иницијатива за да запознаат некого или да го унапредат познанството во пријателство. Други имаат премногу ентузијастички пристап и можат да им делуваат нападно на првите. Обидете се си дадете простор едни на други, зближете се и не дозволувајте поради такво недоразбирање да пропадне потенцијално добро пријателство.
Сепак, во животот ни требаат луѓе повеќе од сè.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.