9 модерни стилови на мустаќи
Ништо не ги менува толку пропорциите на лицето како мустаќите. Со малку влакна на вашето лице вие можете да постигнете многу, без разлика дали тоа ќе ве направи да изгледате позрело или како статист од „Пиратите од Карибите“. Како што расте популарноста помеѓу уличниот стил, мустаќите повторно се докажуваат како нов и бесплатен додаток за вашето лице. Сепак, не се толку едноставни за одржување. Покрај тоа што не мора да се бричите, иронично е што одржувањето и стилизирањето на мустаќите одзема многу време и напор, па треба да мислите на тоа пред да ги израснете. Тоа нè носи до различните стилови на кои може да ги обликувате…
Секако треба да ја имате на ум формата на вашето лице кога треба да одлучите каков стил на мустаќи ќе чувате. Од класични до ексцентрични, еве девет типови кои денес уживаат најголема популарност. Овие стилови можете да ги пробате во покласична варијанта или да им дадете модерен допир.
1. Мустаќи инспирирани од Том Селек
Овие мустаќи (познати и како шеврон) беа популаризирани од актерот Том Селек и за нив се потребни груби и густи влакна, кои треба да растат неколку месеци. Релативно отмен, овој стил е еден од наједноставните стилови на мустаќи. Но, пред да се обидете со овој стил, треба да знаете какви се влакната на вашето лице. Најдобро изгледа доколку имате прави влакна, а се одржува со нивно кратење кога почнуваат да растат преку устата.
2. Мустаќи како морж
Овие мустаќи неспорно искажуваат цврст став и токму затоа не се за тие со слабо срце. Тие биле најпопуларни во 19-от и почетокот на 20-от век, а кратко биле популарни и меѓу младите револуционери од 60-тите години од 20-от век. За да го постигнете овој изглед, треба да ги растете и одржувате мустаќите повеќе од 5 месеци. За тоа време, влакната ќе почнат да ви растат преку горната усна и ќе ви го дадат посакуваниот изглед на морж.
3. „Нацртани“ мустаќи
Овие мустаќи станаа популарни кога филмските ѕвезди како Клерк Гејбл и Ерол Флин го прифатија тој стил. Како во филм од 40-тите, тие многу полесно се оформуваат отколку мустаќите на Селек. За да израснете ваков тип мустаќи потребен ви е еден месец. Но, имајте на ум дека тие треба редовно да се одржуваат и бараат поголемо внимание за да се задржат правите линии кои изгледаат како нацртани.
4. Мустаќи во форма на кормило
Омилениот уличен стил на денешницата. Мустаќите во форма на кормило имаат краеви кои се искривуваат спирално кон јаболкниците. За да изгледате помодерно и помладолико, заедно со овој стил на мустаќи носете и модерна фризура. Стилизирањето на овие мустаќите е едноставно – со малку восок виткајте ги краевите кон надвор.
5. Мустаќи во форма на потковица
За овој вид карактеристични мустаќи потребна е храброст бидејќи тие се едни од понагласените. Ако сакате да се обидете, ви требаат неколку месеци за да ја добиете густината потребна за овој изглед. Овој стил во секој случај не им прилега на сите, па бидете сигурни дека ќе ви стои добро на вашето лице пред да се одлучите за него.
6. Каубојски мустаќи
Каубојскиот стил на мустаќи се всушност подолга и побушава верзија од мустаќите на Селек. Овие мустаќи не се толку отмени, баш напротив, тие се нерамни и помалку уредни. Одржувајте ги со ножички за да не изгледате премногу запуштено, но избегнувајте прецизни маневри за да ја задржите грубоста на овој стил.
7. Мустаќи инспирирани од Фу Манчу
Ова е еден од најексцентричните стилови на мустаќи, кои изгледаат како да се излезени од стрип. Инспирирани од уникатниот изглед на д-р Фу Манчу, за да го постигнете овој стил треба да оставите да растат страничните влакна, така што ќе почнат да висат над брадата. Доколку оставите да ви порасне брадата на долниот дел од вилицата, ќе добиете потрадиционален изглед. Оваа верзија веројатно повеќе ќе ви прилега за некој маскенбал или карневал.
8. Мустаќи инспирирани од Салвадор Дали
Овие мустаќи се инспирирани од изгледот на единствениот Салвадор Дали, славниот шпански сликар. Духот на Дали може да се забележи во овој смешен, но уникатен вид мустаќи. Нивните краеви се исправени нагоре, а ова може да го постигнете ако со восок ги насукувате долгите влакна. Дали за овој изглед користел брилијантин, а во една прилика изјавил дека неговите мустаќи се најсериозниот дел од неговата личност.
9. Неуредни мустаќи
Овие мустаќи се омилени кај познатите актери и воопшто не оддаваат карактеристичен изглед и најчесто се придружени со неуредна, неколкудневна брада. Ова е најлесниот начин да израснете мустаќи и сигурна опција доколку сте скептични во врска со вашиот изглед. Не е потребно премногу време за да ги израснете мустаќите до должината потребна за овој стил, а тие со погусти влакна треба повремено да ги кратат мустаќите и брадата. За инспирација погледнете како изгледаат Џони Деп, Џејмс Франко и Рајан Гослинг.