9 митови поврзани со спиењето

9 митови поврзани со спиењето

Ако понекогаш имате тешкотија да заспиете или пак имате несоница, можеби мислите дека знаете што ја предизвикало таквата состојба. Но, Мишел Дрерап, доктор по психологија на клиничкиот центар за справување со нарушеното спиење во Кливленд и креатор на онлајн програмата „GO! To sleep“, открива 9 митови поврзани со спиењето, кои отсекогаш сме слушале од повозрасните луѓе, дека се причина поради која се чувствуваме наспано или уморно во текот на денот.

9 митови поврзани со спиењето

1. Мит: Потребни ни се точно 8 часа спиење на ден

Вистина: Секој има различна потреба за спиење. Нема апсолутно ништо магично во бројот 8. На некои луѓе им се потребни 8-9 часа сон за да се чувствуваат одморено во текот на денот, а на други само 6, бидејќи потребата за спиење варира од човек до човек. Клучот за да се чувствувате енергично во текот на денот, е во пронаоѓањето на вашите индивидуални потреби за спиење. За да ја пронајдете вашата мерка, треба да тестирате колку часа спиење ви се потребни, за да се чувствувате одморено, освежено и подновено наредниот ден. Кога немате обврски наредниот ден, исклучете го алармот, легнете си пред полноќ и видете кога ќе се разбудите наредниот ден.

2. Мит: Колку повеќе спиете, толку подобро ќе се чувствувате

Вистина: Истражувањата покажуваат дека вишокот спиење, не е здраво. Резултатите покажале дека процентуално, оние луѓе кои спијат од 6 до 8 часа дневно, имаат пониска стапка на смртност, во однос на оние кои спиеле повеќе од 8 часа, кај кои имало прогресивно растечка стапка на смртност. И покрај тоа што е нејасно дали подолгото спиење само по себе предизвикува лоша здравствена состојба или е резултат на други недефинирани проблеми со здравјето, сепак има болести кои се поврзани со поминувањето повеќе часа во кревет како, депресија, неконтролиран дијабетес и опструктивен прекин на дишењето во сон.

9 митови поврзани со спиењето

3. Мит: спиењето до покасно за време на викендите, го надокнадува уморот акумулиран од работната недела

Вистина: Конзистентноста е најдобро решение  – нашето тело е во најдобра состојба ако секое утро стануваме од кревет во исто време. Ваквото „надокнадување“ на пропуштениот сон од работната недела, во текот на викендот, го нарушува деноноќниот ритам на живот и не придонесува за да се чувствуваме посвежо, ако малку повеќе сме поспале. Поради тоа, на луѓето им е најтешко да заспијат во недела навечер. Еве зошто: Ако во недела сте спиеле до 11 часот, не можете да очекувате дека вашето тело ќе биде спремно за спиење во 22 часот, само затоа што наредното утро треба да станете во 6 часот за на работа или факултет. Ако се превртувате во кревет од една на друга страна, тоа значи дека вашето тело ви сигнализира дека не е доволно опуштено, за да биде подготвено за сон. Па така, обидувајќи се да се наспиете за време на викенд, правите да се чувствувате полошо, креирајќи циклус на проблеми со спиењето.

9 митови поврзани со спиењето

4. Мит: Гледањето ТВ во кревет може да ви помогне да се релаксирате и да заспиете

Вистина: Гледањето телевизија непосредно пред часот кога најчесто си легнувате да спиете, особено во спалната соба, го спречува квалитетниот сон. Телевизијата стимулира: звуците, светлата кои трепкаат и ангажираноста од страна на вашиот мозок ве држат будни. Ноќните шоуа како криминалистичките серии, вестите и слично, исто така ја зголемуваат вашата тензија, која очигледно не ви помага да се опуштите и да заспиете. Ако гледате телевизија додека лежите во кревет, вие потсвесно го поврзувате лежењето со будната, а не со заспаната состојба на вашето тело и ум. Ваквата навика, исто така, може да доведе до непотребно будење во текот на ноќта, особено доколку заспиете со вклучен телевизор. Не е само телевизорот некомпатибилен уред со спиењето. Не треба ниту да јадете, зборувате на телефон, да проверувате имејл или да ги разгледувате сметките за комуналии додека лежите во кревет и се подготвувате за спиење. Избегнувајте сè што ви создава тензија.

9 митови поврзани со спиењето

5. Мит: Кога не ви се спие, лежете и одмарајте

Вистина: Кога не можете да заспиете треба да станете и да правите некоја друга активност. Доколку само лежите, создавате умствена состојба во која креветот и спалната ги поврзувате со будност, а не со спиењето. Тоа секако не ви оди во прилог, бидејќи кога лежите во кревет будни, а всушност ви се спие, тоа најчесто прави да се чувствувате исфрустрирано, вознемирено и нервозно, а тоа нема да ви помогне да се одморите, нели!?

6. Мит: Алкохолот помага при заспивањето

Вистина: Алкохолот е седатив кој може да ви помогне да заспиете, но нема да ве одржи цврсто во сон. Алкохолот почнува да прави проблем во втората половина од спиењето, кога телото треба да се опушти. Поради тоа, алкохолот го прави спиењето многу помалку релаксирачко отколку што треба да биде. Тој создава често будење и немирен сон, особено откако ќе се раздени. Затоа доколку сте решиле да пиете алкохол, најдобро е да престанете неколку часа пред да си легнете. А откога ќе станете, преземете соодветни мерки за да се ослободите од мамурлакот.

9 митови поврзани со спиењето

7. Мит: Доколку патите од несоница, дремките можат да ви го намалат уморот

Вистина: Доколку имате проблем со спиењето, дремките можат само да ја направат ситуацијата уште полоша. За оние луѓе кои немаат проблем со спиењето, дремките можат да бидат одличен начин за да се преживее некој напорен ден, бидејќи истражувањата покажале дека дремката од 45 минути може да ја подобри меморијата и да го намали нивото на крвниот притисок. Но, за луѓе кои имаат проблем со спиењето, ова може драстично да ги намали шансите за да заспијат и да се одржат во сон во текот на ноќта.

9 митови поврзани со спиењето

8. Мит: Не е голема работа ако не спиете еден ден, само наредниот ќе бидете уморни

Вистина: Спиењето е од огромна важност за нормално функционирање на човечкото тело. Тоа не претставува само период за одморање. За време на спиењето, телото постојано работи. Тоа создава трајна меморија и ги поправа штетите кои ги добило во текот на денот. Не за џабе, луѓето секогаш ви велат „преспиј го денот и донеси одлука утре“ кога сте имале некое непријатно искуство. Една од бенефициите на спиењето е можноста мозокот подобро да ги испроцесира новите искуства и информации, што доведува до подобро разбирање и помнење на работите. Исто така, додека спиете, телото произведува дополнителни протеински молекули, кои го зајакнуваат вашиот имунолошки систем и овозможуваат тој подобро да се бори против инфекции и да го одржи целокупното здравје.

9. Мит: Вежбањето пред спиење изморува, па така побрзо ќе заспиете

Вистина: Вежбањето може да помогне при заспивањето, но не доколку тоа се случува непосредно пред легнувањето. Доколку вежбате непосредно пред спиење, вие можете да создадете контра ефект. Вежбите го стимулираат срцето, мозокот и мускулите, обратното од она што вие сакате да го сторите преку спиењето. Исто така ја подигнува температурата на телото, нешто што е контрапродуктивно при обидот за заспивање.

9 митови поврзани со спиењето

Утринското вежбање може да ви помогне за ослободување од стресот и да ви го подобри расположението, што има индиректно влијание врз вашето спиење. Исто така, ако секојдневно излегувате надвор на прошетка, изложени на природна сончева светлина, можете да си го подобрите сонот, поттикнувајќи го 24-часовниот циклус од будна и заспана состојба, да функционира подобро. Доцното попладне е исто така добар период за спорт, бидејќи постои поврзаност помеѓу телесната температура и заспивањето. Температурата на телото се покачува додека вежбате, а потоа на телото му се потребни околу 6 часа за да почне да се лади, па така тоа ќе биде во совршена состојба додека дојде време за спиење. Кога и да одлучите да вежбате, гледајте да е минимум 3 часа пред легнување во кревет.

Можеби би ве интересирало да научите како да ги помните вашите соништа.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар