9 лесни техники за поголема продуктивност кои ќе го променат вашиот живот

9 лесни техники за поголема продуктивност кои ќе го променат вашиот живот

Со оглед на темпото на денешницата, голема е веројатноста дека и вие сте меѓу оние луѓе на кои 24 часа во денот им се малку. Милион обврски и работи кои треба да се завршат, луѓе со кои треба да се видите, а да не зборуваме за слободното време кое веќе станало само поим кој сѐ поретко се реализира. И сето ова влијае на вашата продуктивност која, доколку размислите малку подобро, се намалува со секој нов ден.

Токму поради ова, неопходно е да најдете начин да ја зголемите продуктивноста наместо да ја намалувате, а следниве 9 техники ќе ви дадат добра идеја како да го направите тоа за многу кратко време.

(1)-9-lesni-tehniki-za-pogolema-produktivnost-koi-kje-go-promenat-vashiot-zhivot-kafepauza.mk

1. Техниката помодоро

Кога е во прашање организирањето на времето, кое ни е секогаш малку на располагање, тогаш оваа техника е веројатно една од најдобрите за ефективно постигнување на таа цел. Сѐ што треба да направите е да ги поделите дневните обврски така што за секоја од нив ќе одвојувате по само 25 минути. Ова ќе бара од вас да бидете брзи и максимално фокусирани доколку сакате продуктивно да ја завршите задачата во овој краток, но сепак доволен временски период.

2. Подобрување на средното ниво на перформанси

Во поголем дел од случаите, луѓето се концентрираат на давање на својот максимум и дејствување на нивното највисоко перформансно ниво. Она што го забораваат е дека за да може да го достигнат максимумот, прво мора да успеат во одржување и подобрување на средното ниво на перформанси. Денес одвојте неколку минути од своето време за да размислите кое е вашето средно ниво на дејствување и што можете да направите за да го подобрите, а во меѓувреме од голема помош може да ви биде и книгата на д-р Стен Бичам, „Елитни умови.

3. Планирајте однапред

Сите имаат сопствени барања и приоритети кои лесно можат да станат и ваши доколку го дозволите тоа. Ова значи дека ставајќи ги на прво место туѓите потреби, вие лесно може да дозволите вашите потреби и обврски да останат незавршени. Тука, предвременото планирање и договарање состаноци може да биде позитивна препрека која ќе ве спречи да го правите тоа. Знаејќи неколку дена порано кога имате обврски, а кога сте слободни, вие ќе се принудите себеси да ги завршите вашите задачи пред сѐ останато, без одложување и занемарување.

4. Медитирајте

Во денот преполн со обврски, медитирањето може и тоа како да ви помогне. Верувале или не, на вашиот ум му се потребни не повеќе од 10 минути дневно кога целосно ќе се опушти и препушти на мирот и спокојот, за потоа повторно да може да се посвети на продуктивното и непрестано функционирање во полн ек. Одберете го начинот на медитација кој вам ви одговара и дајте си го себеси потребниот одмор.

(2)-9-lesni-tehniki-za-pogolema-produktivnost-koi-kje-go-promenat-vashiot-zhivot-kafepauza.mk

5. Техники за меморирање

Заборавањето е резултат на недоволна концентрација и фокусирање на она кое инаку би требало да го запомните. Ова е проблем со кој се соочуваат голем дел од луѓето на денешницата со оглед на фактот дека сите се преоптоварени со обврски во секој дел од денот, па не е ни чудо кога нешто ќе заборават. Но, како и за сѐ друго, постои решение и за ова. Она што треба да го направите и да ја пронајдете техниката за меморирање која ви одговара и да ѝ посветите онолку време колку што ќе ви биде потребно додека таа не ви стане навика.

6. Зголемете ја брзината на читање

Читањето знае да одземе голем дел од времето кое и така е прекратко. Со зголемување на брзината на читање, вие не само што го вежбате фокусот кон тоа што го читате, туку и си ослободувате повеќе време за останатите обврски. Дефинитивно најлесната и најпродуктивна техника за вежбање брзо читање е читањето книга. Со оглед на тоа дека во голем дел од времето сте зафатени, најдете период од денот кој ќе го посветите само на ова, притоа внимавајќи целосно да бидете концентрирани на тоа што го читате со цел за што пократко време да прочитате што повеќе.

7. Преземајте одговорност

За жал, луѓето почесто решаваат да најдат изговори за сето она кое половично или воопшто не го завршиле наместо да се соочат со нивната неодговорност, несоодветно организирање на времето и сл. Но, неверојатно е што сѐ може да направи преземањето одговорност за своите постапки и прифаќањето дека ниту еден изговор не е доволно добар. Ова ќе ве натера максимално да се посветите на завршување на обврските и задачите, што би барало да бидете целосно фокусирани на тоа што го правите знаејќи дека немате изговор да не успеете истовремено влијаејќи на вашата продуктивност.

8. Разликувајте ги критичните од важните обврски

Не сѐ мора да биде завршено баш во истиот момент кога ќе ви падне на памет. Односно, многу работи кои ги сметаме за мора во даден момент се всушност работи кои и не се толку итни доколку малку повеќе размислиме за нив. Способноста да правите разлика меѓу критичните и важните обврски е многу важна бидејќи ќе ве спречи да занемарите некоја работа која навистина барала од вас да ја завршите што поскоро. Затоа, направете список од работи кои треба да ги завршите, но поделете го списокот на критични и важни така што ќе знаете кои обврски имаат приоритет.

9. Вежбајте

Доколку мислите дека стресот е само психички напор, тогаш лошо се лажете. Освен што умствено ве заморува и спречува продуктивно да ги извршувате работите, стресот се собира и во секој дел од вашето тело. Од овие причини, неопходно е да си посветите време на физичкото јас така што ќе одвоите време за вежбање или, доколку немате многу време на располагање, растегнување на делови на телото кога ќе почувствувате потреба за тоа. Ослободувањето од стресот кој неминовно се насобира во вас е приоритетно за поголема продуктивност.

(3)-9-lesni-tehniki-za-pogolema-produktivnost-koi-kje-go-promenat-vashiot-zhivot-kafepauza.mk


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар