8 ветувања што треба да си ги дадете кога ќе започнете со вашата прва работа
Добре дојдовте во светот на возрасните! Во училиште веројатно сте поминале многу време замислувајќи си ја иднината. Кога конечно стигнавте до вашиот прв работен ден, нормално е да се чувствувате нервозно. Подгответе се, бидејќи ве очекуваат многу можности. Но, важно е да запомните неколку работи. Ова се ветувањата што треба да си ги дадете пред прв пат да се упатите кон вашата нова канцеларија.
1. Спијте доволно
Спиењето не е за слабите. Особено кога почнувате со вашата прва работа, легнувањето во „нормално“ време треба да ви биде приоритет. Ветете си дека нема да останувате будни по полноќ во текот на работната недела. Исто така исклучувајте ги сите електронски направи во текот на ноќта. Голема е веројатноста да останувате будни до 2 часот наутро затоа што сте гледале некоја серија или нешто на Јутјуб. Овие нешта ќе бидат таму и утре, па наместо да трошите време на нив, легнете си.
2. Наутро одвојте време за вас
Од голема важност е да воспоставите рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот. Ова започнува со одвојување време наутро само за вас. Легнете си рано за да можете да станете порано од вообичаено. Будењето само половина час порано може да направи огромна разлика. Ќе имате време да уживате во шолјата кафе или да ги проверите социјалните мрежи.
3. Не плашете се да поставувате прашања
Кога сте новата личност во канцеларијата, сигурно ќе се чувствувате исплашено. Веројатно ќе сакате да завршите добра работа и да не им пречите на другите. Но, немојте да се плашите да поставувате важни прашања. Љубопитноста за вашата професија, работа или позиција е најдобриот начин да научите многу. Најдете колега кој може да ви биде ментор или личност за разговор. Стравот од поставување прашања само ќе ве забави во напредокот.
4. Спријателете се со барем еден колега
Колегите можат да ви станат и најдобри пријатели. На првиот ден, бидејќи не познавате никого, можеби само ќе се поздравите со нив. Поважно ќе ви биде да се навикнете на околината и да се прилагодите. Но штом ќе ви стане поудобно, не воздржувајте се од разговори. Наскоро ќе почнете да пиете кафе со нив или да излегувате заедно за време на викендите. Пријателствата, како и кариерата, мораат да започнат од негде.
5. Не фокусирајте се на „што е следно“
Штом ќе почнете со работа, голема е веројатноста дека ќе се прашувате што е следно. Но најдобро е да се фокусирате на сегашноста. Само што сте започнале ново поглавје од вашиот живот и не можете да знаете каде ќе ве однесе. Можеби ќе работите во таа компанија неколку месеци и ќе откриете дека сакате нешто друго. Ова е нормално бидејќи ќе бидете изложени на други можности и ќе стекнувате многу нови искуства.
6. Поддржувајте ги вашите идеи
Првата работа е возбудлива бидејќи сте страсни, амбициозни и полни со нови идеи. Веројатно и затоа ве одбрале токму вас, а тоа ќе ви помогне да успеете. Но на почетокот можно е да бидете нервозни кога треба да разговарате за вашите идеи. Ветете си дека нема да го правите тоа и дека секогаш ќе кажувате што мислите. Можеби работите во кафетерија и имате идеја за нешто ново на менито. Можеби работите од дома и имате идеја за нова програма или софтвер што ќе му помогне на бизнисот. Најлошото што може да се случи кога ќе дадете предлог е да ви ја одбијат идејата. Но, барем сте покажале страст и заинтересираност за вашата област, а ова нема да помине незабележано.
7. Паметно користете ги викендите
Организирањето на вашето време е најважното нешто кога почнувате со првата работа. Важно е да воспоставите рамнотежа помеѓу работните и домашните обврски. Па, каде да започнете? Засега фокусирајте се на викендите, времето што го имате само за вас. Можеби вашиот распоред е како на сите, или можеби работите за викенди или навечер. Без разлика кога сте без обврски, уживајте во вашето слободно време. Опуштете се, посветете им внимание на вашите хобија или излезете. Ќе се чувствувате многу подобро и посвежо кога повторно ќе се вратите на работа.
8. Останете амбициозни и страсни за она што го работите
Искрено, првата работа можеби нема да биде онаа од вашите соништа и тоа е сосема во ред. Има многу лекции што треба да ги научите, дури и на позиции што не се поврзани со вашиот избор на кариера. Важно е да ги задржите амбицијата и страста за работата секој ден. Најдете дел од работата што навистина го сакате или нешто што би можело да би помогне во иднина. Прифаќајте ги сите можности на коишто ќе налетате и сакајте го и уживајте во секој момент од вашата прва работа.
Погледнете и како да бидете посреќни на работното место.