8 вечни правила за животот и врските

8 вечни правила за животот и врските

Има причина зошто клишеата постојат. Тие се тука бидејќи човекот од најраната фаза на своето постоење се соочувал и справувал со секакви ситуации. Пренесувајќи го своето искуство од колено на колено, па тоа во комбинација со истото искуство на следната генерација, создадени се многу, како што ги нарекол народот, клишеа. Често, тие се многу повеќе како животни лекции и правила кои би требало да ги познаваме и следиме. А следниве 8 се оние најчесто појавуваните.

(1)-8-vechni-pravila-za-zhivotot-i-vrskite-kafepauza.mk

1. Крвта не е вода

Семејството го чинат оние луѓе кои се секогаш тука за нас. Во добро и во лошо, најблиските се оние кои можете да ги побарате во кое било време и за која било работа, знаејќи дека ќе ви помогнат на секој можен начин. Ова се луѓето кои ни се секогаш, без конкуренција, први на листата на приоритети, оние за кои би откажале сѐ останато, за кои би дошле со трчање за да им помогнеме. Родител – дете, брат – сестра, дедо, баба, братучеди. Крвта не е вода, а семејството се состои од најважните луѓе во сечиј живот.

2. Крушата под круша паѓа

Едно од најпознатите правила кои постојат е токму ова. А веројатноста за точност е далеку поголема од која било друга. Се разбира, има исклучоци кои вечно се борат против овој стереотип, но факт е дека веројатноста да не е така е многу мала. Некои карактеристики се тешки за промена, а некои можете да ги искористите во своја полза. Некои се убави, а некои не ви се допаѓаат. Благодарение на гените, голем дел од особините се наследени, а останатиот дел се резултат на опкружувањето во кое живеете. Од друга страна, во која насока ќе ги насочите, е целосно оставено на вас.

3. Љубовта е слепа

И навистина е. Заљубени до уши, луѓето тежнеат кон идеализирање на она што реално се случува. Го идеализираат партнерот, ги идеализираат нивните односи, меѓусебното однесување. Некогаш сето ова е резултат на стравот од губење на саканата личност, некогаш е резултат на претешката реалност, некогаш е само слепило. Некогаш, ова слепило е баш она што е потребно за малку забава, романтика и повеќе љубов. Сонувајте со отворени очи и чувствувајте со затворени. Тогаш навистина гледате.

4. Добрата ограда создава добри соседи

Животот е исполнет со виртуелни и физички граници кои стојат на своето место со причина. Како што оние вистинските нè спречуваат да одиме на места каде што не ни е дозволено, така оние виртуелните се со намена да нè сопрат кога ќе пречекориме нечиј животен праг. Луѓето секогаш имаат желба да го ставаат својот нос во туѓа манџа, а кога самите ќе се изгорат се жалат. Границите постојат со причина, а таа причина е дека секој треба да си гледа пред и за себе. Пријателства, врски, соседи, семејство… Сите овие овозможуваат да бидете свои и слободни, но сѐ додека не претерате и не почнете да се мешате во животот на другите, кај што не ви е место.

5. Око за око, заб за заб

Оваа изрека се однесува и на убави на лоши работи. Не сите луѓе се одмаздољубиви, но знајте дека ретко постои личност која ќе ви заборави лошо дело. Од друга страна, пак, доброто дело е она кое секогаш се враќа назад. Во свет во кој ретко кога некој мисли на некој друг освен на себе и на своите најблиски, доброто дело секогаш се враќа со добро дело. Помогнете некому и тој некој ќе ви помогне вам. Одвојте време за некого и тој ќе одвои време за вас. Повредете некого и не се чудете доколку и вие останете повредени.

6. Кога си во Рим, однесувај се како Римјаните

И додека не се мисли буквално само на Рим, факт е дека секоја земја и секој град си имаат свои обичаи и традиции. Ако треба да патувате, пронајдете информации за тоа место пред да го посетите. Можеби на посета ќе ви дојде пријател од странство или бизнис партнер – научете нешто повеќе за неговата земја и обичаите кои ги негува. Не само што ќе добиете плус поени за покажаната заинтересираност, туку и ќе избегнете ситуации од типот Ова е навредливо во нашата земја. Сакале или не, прилагодувањето на разликите е неопходно во вакви моменти.

7. Кој умре и те назначи тебе за главен?

Луѓето често знаат да се занесат и да си дозволат однесување кое не им прилега. Оваа изрека се однесува баш на оние луѓе кои мислат дека нивниот збор треба да е последен, односно дека тие се главни и одлучуваат во секоја ситуација. Но реалноста има друга замисла, а таа е дека сите луѓе имаат еднакво право на глас. Пријателите и вашите блиски имаат подеднакво, а некогаш и поголемо право од вас да кажат што мислат и како треба да се постапи во дадена ситуација. Прифатете го тоа.

8. Чиста сметка, долга љубов

Нема човек кој не го слушнал ова правило. Самите зборови кажуваат доволно, а тоа е дека без разлика за кого станува збор, чистата сметка е она што е основно за врската да биде здрава и просперитетна. Доколку некој некому должи или постојано едниот плаќа, додека другиот се однесува како ништо да не се случило, проблемите ќе си дојдат сами по себе. Навистина е жално, но парите или кој и да е друг метод на задолжување имаат моќ да ја уништат секоја врска. Затоа, чисти сметки – добри односи.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар