8 совети кои ќе ви помогнат да го најдете вашиот личен стил

8 совети кои ќе ви помогнат да го најдете вашиот личен стил

Откривањето на личниот стил може да биде напорно и исцрпувачко, но не мора секогаш да биде така. Честопати се ѕвериме во нашите плакари барајќи го „совршеното“ парче кое ќе ни ја крене самодовербата и ќе го подобри начинот на кој изгледаме. Но, тоа парче многупати го нема.

Без разлика дали станува збор за облекување за во канцеларија, за на забава или на свршувачка, секогаш треба да изгледаме совршено, а сепак да си останеме доследни на сопствениот стил. Добриот личен стил освен што може и ќе го подобри впечатокот за вас, ќе ви донесе и голема самодоверба, а со тоа ќе бидете посреќни и позадоволни од себеси. А секој сака да се чувствува убаво и задоволно.

0-8-soveti-koi-ke-vi-pomognat-da-go-najdete-vasiot-licen-stil-kafepauza.mk

1. Во потрага по инспирација

Напишете ги имињата на вашите стилски икони и истражувајте малку на Пинтерест, Гугл или Инстаграм за да се инспирирате од нивните изгледи. Можеби сте обожавател на минималистичкиот стил на Џенифер Анистон и сакате доза женственост од Лорен Конрад со примеси од хипстерскиот шик на Алекса Чанг. Извлекувањето на различните видови инспирација од неколку извори е одличен начин да дознаете што сакате, а што не.

1-8-soveti-koi-ke-vi-pomognat-da-go-najdete-vasiot-licen-stil-kafepauza.mk

2. Пролетно чистење на плакарот

Да, да дојде време да го исчистите плакарот. А штом го направите тоа, ќе се ослободите од непотребните парчиња, а така одново ќе го дефинирате вашиот стил. Не знаете дали да го зачувате парчето или да го донирате? Донирајте го. Колку сте побрзи толку побезболно ќе биде.

3. Паметна мода

Немојте да купувате нешто што знаете дека еднаш до два пати ќе го облечете, а сепак го купувате затоа што е на попуст или има многу ниска цена. Експериментирајте со модните трендови на паметен начин: барајте ги трендовите во поевтините продавници како Зара и Бершка, а инвестирајте во кожна чанта, убаво палто или чизми. За тие парчиња не би требало да правите компромис. Исто така внимавајте кои парчиња се без квалитет (проверете го патентот, испитајте ги рабовите…) а кои се навистина евтини.

2-8-soveti-koi-ke-vi-pomognat-da-go-najdete-vasiot-licen-stil-kafepauza.mk

4. Животниот стил и долгорочните цели не треба да бидат занемарени

Совршениот гардеробер не треба да ја претставува само вашата визија и креативност, туку треба да биде и соодветен на вашиот животен стил. Замислете си како ве гледа светот и што всушност сакате да кажете преку вашата облека. Сигурно сакате вашиот стил да биде рефлексија на вашиот карактер, местото на живеење и вашите долгорочни цели. Сакате подобра работа? Се обидувате да влезете во одредено поле? Размислете да додадете неколку професионални и соодветни парчиња облека следниот пат кога ќе одите на интервју за таа работна позиција. Или ако сакате да работите во модната индустрија, обратете внимание на трендовите (но, немојте премногу да трошите бидејќи трендовите брзо се менуваат). Ако вашата работна околина нема специфичен дрес код можете да си дозволите да носите џемпери и фармерки.

5. Самодовербата е клучна

Иако големината на парчето што го носите не е важна, сепак важно е како се чувствувате во него. Никој нема да го види бројчето што се крие внатре, но веднаш ќе го видат вашиот тажен лик кој едвај дише во тој монструозен фустан. Да признаеме: на кого не му се случило да земе два броја во соблекувалната надевајќи се дека помалиот број ќе биде точниот? На сите ни се случува. Но, сепак запомнете дека убавото чувство во сопствената кожа ќе ви ја донесе посакуваната самодоверба, а не бројката. Кога се чувствувате позитивно, вие ќе привлекувате позитивни луѓе околу вас, ќе се смеете повеќе и ќе бидете погорди на себе. А тоа нема да помине незабележано. Или како што рекла Дијан вон Фурстенберг: „Самодоверба. Ако ја имаш, тогаш сѐ може да изгледа убаво.“

4-8-soveti-koi-ke-vi-pomognat-da-go-najdete-vasiot-licen-stil-kafepauza.mk

6. Побарајте помош

Кога стравувате околу вашето здравје одите на лекар. Кога имате проблеми со кожата одите на дерматолог. Кога сакате совршени фотографии од свадбата барате професионален фотограф. Нема ништо срамно во тоа да побарате помош околу вашиот личен стил. Запомнете дека не треба да плаќате за личен стилист, туку едноставно прошетајте се по продавници или појдете во вашиот омилен бутик и прашајте ги вработените за совет.

Совет плус: Честопати самата облека не е совршена сѐ додека не биде прилагодена од кројач. Добриот крој е од есенцијална важност кога станува збор за комфорот и самодовербата. Ако парчето ви стои совршено, тогаш и вие така ќе се чувствувате. Кога ќе побарате помош од професионален шивач, парчињата што тој ќе ги прилагоди ќе бидат лично за вас. Нешто како рачна изработка.

7. Накитете се со накит и други додатоци

Накитот е најлесниот начин да избегнете модна катастрофа. Тој го продлабочува секој изглед и ја разведрува секоја комбинација. Кога ќе се додаде деликатен накит на обичната комбинација од бела маица и фармерки ќе се добие поженствен изглед. Интересните обетки или купче од прстени ќе ви го дадат потребниот кул изглед, а бисерите ќе ве направат дама. Интересна марама или необични чизмички до глужд наместо обичните црни потпетици или чантичка во весела боја ќе направат да изгледате многу посредено и поубаво.

3-8-soveti-koi-ke-vi-pomognat-da-go-najdete-vasiot-licen-stil-kafepauza.mk

8. Верувајте им на инстинктите и бидете автентични

Најважното нешто кога го откривате вашиот личен стил е да си останете доследни на себеси и на она што го сакате. Не се фокусирајте на марката или на бројот (тоа само ќе ви ги скрати можностите!). Продолжете да експериментирате со боите, материјалите, додатоците и со обувките. Сѐ се сведува на тоа вие да се чувствувате убаво во вашата кожа. Добриот стил треба да биде одраз на вашите желби, индивидуалност и креативност. Бидете горди на тоа кои сте и прифатете ја модата како начин на изразување.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Живее за добра книга и дише преку пишаниот збор. Кога би можела, цел живот би патувала, би читала и би гледала филмови. Вљубеник во фотографијата и класиката. Оптимист и поборник за љубов. Модата е нејзиниот начин да го изрази своето мислење и став. Животот за неа е уметност, филозофија и добра храна.

Поврзани содржини

  1. Ana Reply

    „Барајте ги трендовите во поевтините продавници како Зара и Бершка“, да едни фармерки во Зара се 2700, а земајќи во обзир дека 70% од луѓето во нашава напатена земјичка земаат по 300 денари дневница, доста се исплати да се купува од Зара и Бершка. No hard feelings, јас се облекувам од таму, али не штима..

Остави коментар