8 реченици кои родителите не треба никогаш да им ги кажат на нивните деца
Да се биде родител е еден од најтешките предизвици во животот. Всушност, многу од родителите честопати се преокупирани со тоа дека треба да им создадат безбеден дом и стабилна иднина на нивните деца. Покрај ова, многу е лесно да се занемарат нивните емоционални потреби, што може да има штетно влијание врз нивниот развој и ментална благосостојба. Односно, во многу случаи родителите ненамерно може да влијаат негативно врз размислувањето на нивните деца, да доведат тие да имаат ниска самопочит, намалена самодоверба и нездраво чувство на постојан натпревар. Погледнете ги овие 8 фрази кои вие како родител никогаш не би требало да им ги кажете на децата во текот на нивниот развој.
1. „Не прави да се срамам од тебе“
Оваа фраза може емотивно да го повреди вашето дете и доколку ова тие често го слушаат, тогаш ќе имаат навика постојано да бараат одобрување во очите на другите, а тоа може да им претставува значаен проблем кога ќе се обидуваат да формираат љубовни врски во понатамошниот живот.
2. „Ти ветувам дека оваа година ќе одиме на одмор“
Не треба да ветувате нешто само доколку сметате дека тоа ќе им го привлече вниманието на вашите деца или пак дека со тоа ќе ги натерате да ги исполнат вашите барања. Доколку го правите ова, можете да си создадете меѓусебни проблеми со довербата, а исто така на некој начин ќе ги спречите да формираат здрави врски со други авторитетни и возрасни личности. Се разбира дека финансиските ограничувања може да ве спречат да го реализирате планираниот одмор, но секогаш е подобро да побарате друга алтернатива, отколку постојано да го повторувате вашето ветување кое знаете дека не сте во можност да го исполните. Запаметете дека она што сте му го ветиле на вашето дете, останува во неговиот ум.
3. „Кога бев на твои години, јас бев прекрасен/на“
Додека се мали, децата на нивните родители гледаат како на Бог, а не како на обични смртници. На овој начин, за нив е значајно сѐ она што тие го велат, како и нивните постапки. Ако постојано го споредувате вашето дете со вашите сопствени достигнувања на таа возраст, вие можете да поттикнете нездрава конкуренција и да ја намалите неговата самопочит. Иако ова не е толку штетно во нивното детство, сепак, последиците ќе се согледаат во понатамошниот живот кога детето ќе се обидува да ги задоволи другите, наместо себе.
4. „Другите деца имаат подобри резултати на тестот од тебе“
Слично на претходното, исто така споредувањето на вашето дете со неговите врсници може да има штетно влијание врз неговата способност за формирање здрави односи со другите. Ова не само што го попречува нивниот социјален развој, туку исто така ќе влијае на начинот на кој тој е доживуван од другите. Исто така во понатамошниот живот оваа личност ќе има навика постојано да ги споредува своите достигнувања со останатите, што ќе доведе до често нерасположение и незадоволство.
5. „Нема да бидеш силен доколку не ја изедеш целата вечера“
Ова е често користена фраза која може да има негативно влијание врз детето. Имено, на овој начин кај него може да се развие одбивност кон одреден вид храна, па наместо да користите различни форми на манипулација за да го постигнете посакуваниот резултат, подобро е да ги охрабрите вашите деца да јадат така што ќе им ги кажете здравствените придобивки кои би ги добиле и нагласувајќи им ја важноста на исхраната.
6. „Ист/а си како татко ти/мајка ти“
Дури и да се повторува оваа фраза како шега, тоа може да создаде негативна слика во умот на детето и тоа негативно да гледа на особините кои ги дели со родителот со кој се споредува. Ова може да ве оддалечи вас и вашето дете. Доколку пак ова го изговорите додека сте лути, вие покажувате дека не сте задоволни со вашата врска, па детето ненамерно го вклучувате во родителскиот конфликт. Во многу случаи тоа ќе може да стане излез за вашата лутина и гнев, со што ќе се намали неговата самодоверба и ќе има непристојно однесување кон другите. Затоа, трудете се да ги избегнете непријатните споредби помеѓу вашето дете и вашиот партнер.
7. „Не сакам да слушнам ниту збор повеќе од тебе“
Секако, детето може да биде немирно и весело во некои моменти, но ваша работа како родител е да се справите со неговото однесување во зависност од ситуацијата. Вие треба да создадете граници до каде може да оди тоа со неговите постапки и изразувања. Доколку постојано му повторувате дека не сакате го слушате повеќе, без оглед на околностите, вие ненамерно упатувате на тоа дека неговото присуство не е добредојдено во вашиот живот. Ова ќе создаде чувство на вина и несоодветност кај него. Наместо ова, подобро е да седнете и со смирен тон да му покажете каде греши.
8. „Ако го направиш ова за мене, ќе те сакам засекогаш“
Како родители, очигледно е дека вие ќе го сакате вашето дете засекогаш и безусловно. Оваа навидум забавна фраза всушност на некој начин му покажува на детето дека вашата љубов е условена од нивното однесување и тоа може многу да влијае на начинот на кој тој расте и ги формира своите односи. Доколку детето расте постојано слушајќи го ова, во понатамошниот живот тоа ќе има навика да им угодува на другите, оставајќи ги настрана своите желби, без оглед на околностите. Затоа, покажете му на вашето дете дека го сакате и дека оваа емоција не е поврзана со неговото однесување или вредности.