8 причини поради кои сте им одбивни на луѓето околу вас

8 причини поради кои сте им одбивни на луѓето околу вас

Сите ние се трудиме да оставиме впечаток на добри и пристојни човечки суштества, но и покрај тоа понекогаш не се претставуваме баш во најдобро светло. Некои наши навики и начини на однесување ги оттурнуваат луѓето од нас, создаваат тензија или едноставно ги нервираат другите. Никој не е совршен, но ако забележите дека имате некои од следниве 8 навики, имајте на ум дека другите луѓе не сакаат да бидат во ваша близина иако можеби не сте свесни за тоа.

8 причини поради кои сте им одбивни на луѓето околу вас

1. Егоцентрични сте

Многу луѓе воопшто не се свесни дека се однесуваат на овој начин. Еден нормален разговор би требало да започне со тоа како поминал вашиот ден и да заврши со тоа како поминал денот на вашиот соговорник. Немојте да паднете во искушение да зборувате само за себе. Супер е тоа што сакате да ги споделите вашите неверојатни доживувања со целиот свет, но дозволете им и на другите понекогаш да бидат во центарот на вниманието. Слушајте се себеси додека зборувате. Колку често го употребувате зборот „јас“ кога разговарате со некого? Доколку забележите дека тоа ви се случува често, можеби несвесно го вртите вниманието кон себе. Гризнете си го јазикот и слушајте ги другите кога зборуваат. Треба да им го посветите заслуженото внимание на луѓето околу вас за да остварите здрави односи со нив.

2. Ја игнорирате внатрешната убавина и се фокусирате на надворешната

Треба да знаете дека вистинската убавина доаѓа однатре. Но, не секој го разбира тоа. Ако се фокусирате само на надворешниот изглед на еден човек и го игнорирате она што лежи во неговото срце, вие се однесувате на начин кој е многу одбивен за останатите. Поголемиот дел од луѓето не можат драстично да го сменат надворешниот изглед. Сѐ што можеме да направиме е да се подобриме внатрешно и да им помогнеме на другите да разберат зошто тоа е толку важно.

3. Имате преголем натпреварувачки дух

Имаме новости за вас: Не треба во сѐ да барате натпревар. Премногу изразениот натпреварувачки дух е мошне одбивен. Ако имате пријател кој се плаши од височина и се качил на дрво, а вие на тоа одговарате со „Голема работа, јас се имам качено на дрво три пати повисоко од тоа“, вие сакате да се натпреварувате. Наместо тоа, треба да давате поддршка во врските што ги градите со луѓето. Честитајте му на пријателот за тоа што успеал да ги победи неговите стравови и дозволете му да ужива во неговите пет минути.

4. Не разбирате зошто другите се дружат со вас

Вие сте од големо значење. Пријателите ви се пријатели затоа што им се допаѓате и го ценат вашето пријателство. Ако постојано се прашувате зошто некој се спријателил со вас или зошто ве толерира, само ќе предизвикате поголема тензија. Дури и најтрпеливите луѓе имаат своја граница. Доколку забележите дека ја доведувате до прашање вашата вредност во пријателствата, треба да разберете дека не се сомневате во вашите пријатели туку во вас самите.

02-8-prichini-poradi-koi-ste-im-odbivni-na-lugjeto-okolu-vas-kafepauza.mk_

5. Ги контролирате пријателите

Секоја здрава врска се базира на еднаквост и искреност. Ако сакате да ја контролирате секоја можна одлука и да доминирате во секоја врска, тоа само ќе ги оддалечи луѓето од вас. Вклучете ги останатите во процесот на одлучување. Прашајте ги што би сакале тие да прават или како се чувствуваат во врска со нешто, наместо да им кажувате како треба. Ќе видите дека многу повеќе луѓе ќе уживаат во вашето друштво доколку ги вклучите во важните нешта.

6. Лажете

Сосема разбирливо е тоа што никој не сака да биде во близина на неискрена личност. Според тоа, лажењето е најбрзиот начин на кој ќе ги одбиете луѓето од вас. Искреноста е потребна за да се изгради доверба, а довербата е основата за секоја цврста и стабилна врска. Доколку сакате да ги подобрите вашите односи со луѓето, треба да бидете искрени со другите, но и со самите себе.

7. Злобни сте и некултурни

Секојдневно луѓето се соочуваат со работи што не им се допаѓаат. Не треба да бидете некултурни поради тоа. Ако давате зајадливи коментари или неучтиви забелешки за нечиј избор на музика, тоа само ќе ги оттурне луѓето од вас. Пристојните човечки суштества сакаат да бидат опкружени со позитивни луѓе, така што обидете се вашите зборови да не зрачат со негативност. Кога ќе го промените вашиот поглед на работите, ќе забележите дека животот ви се менува на подобро.

8. Луѓето не можат да сметаат на вас

Ако постојано ги разочарувате луѓето, тоа е многу непривлечна особина. Кога некому ќе му треба вашата помош и вие ќе му кажете дека може да смета на вас, вашите дела навистина мора да се согласуваат со вашите зборови. Со тоа што не си ги одржувате ветувањата, на другите луѓе им велите дека не се важни, а никој не сака да има таков пријател. Сите сме важни и нивното време е исто толку скапоцено колку вашето.

Возможно е овие 8 одбивни начини на однесување да се претворат во нешто убаво и покрај нивната непривлечност. Најпрво треба да препознаете каде грешите и како можете да се подобрите, а потоа да работите на тие проблеми, по што несомнено ќе доживеете личен развој. А познато е дека луѓето кои се грижат за нивниот личен напредок се неверојатно привлечни.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар