8 одговори на најчестите прашања за сексот после бременоста
На многу нови мајки сексот после бременоста им е последна мисла на памет. Незаинтересираноста за секс најчесто е последица од заморот, сувоста на вагиналната област и стравот од болка, поради што на жените им е потребно време за во нив повторно да се разбуди сексуалната желба. Следниве 7 прашања ја мачат секоја жена која неодамна родила, без разлика дали има желба за секс или не, а ние ви даваме одговор на секое од нив.
1. Колку брзо после раѓањето на детето можам да имам интимни односи?
Без разлика дали сте родиле вагинално или со царски рез, на вашето тело ќе му биде потребно време за заздравување. Гинеколозите препорачуваат да чекате од четири до шест недели пред повторно да имате интимни односи, но нормално е и доколку ви се потребни повеќе месеци. За тоа време вратот на матката ќе се затвори, постпородилното крвавење ќе престане, а можните пукања на интимната област ќе заздрават.
2. Дали ќе боли?
Хормоналните промени може да предизвикаат сувост на вагината, особено ако доите. За да избегнете каква било неудобност во текот на сексот, започнете полесно, со гушкање, бакнување или масажа. Постепено зголемувајте го интензитетот на стимулациите. Доколку ве мачи сувост, употребете лубрикант во форма на крем или гел. Испробувајте различни пози за да не чувствувате притисок на болните места и за да ја контролирате пенетрацијата. Кажете му на вашиот партнер што ви одговара, а што не.
3. Дали чувството ќе биде поразлично?
После вагиналното породување тонусот на мускулите на вагината може да ослаби и така да се намали удобното чувство на триење во текот на сексот. Овде можат да помогнат Кегеловите вежби со кои се зајакнува дното на карлицата. Едноставно стиснете ги мускулите на карлицата како да се обидувате да го сопрете мокрењето. Држите 5 секунди, а потоа повторете го истото 4 до 5 пати. Со тек на време проширете ги контракциите на 10 секунди, а потоа држете ги мускулите опуштени 10 секунди помеѓу контракциите. Кога ќе се навикнете, правете најмалку 3 сета од по 10 Кегелови вежби на ден.
4. Што е со контрацепцијата?
Освен ако не сакате што побрзо повторно да затрудните, сексот после бременоста бара сигурна контрацепција, дури и ако доите. Наједноставни средства ќе бидат презервативите и спермицидите, а веднаш по бременоста можете да користите и пилули кои содржат само прогестерон. Пилулите кои содржат и прогестерон и естроген се препорачуваат 6 недели после породувањето, бидејќи во спротивно може да предизвикаат згрутчување на крвта.
5. Што ако сум премногу уморна за секс?
Ако навечер сте премногу изморени за секс, тогаш кажете му го тоа на вашиот партнер. Но, тоа не значи дека вашиот сексуален живот мора да престане. Обидете се да водите љубов рано наутро додека бебето спие или доколку го чува друг член од семејството или некој пријател.
6. Кога повторно ќе се чувствувам привлечно?
Многу жени после породувањето не се чувствуваат многу привлечно. Потребни се барем 2 месеци за матката да се врати во онаа состојба во која била пред породувањето, па во меѓувреме можете да изгледате како да сте во 6-от месец од бременоста. На некои жени им се потребни и до година дена за да ги изгубат насобраните килограми, а доколку на тоа ги додадете можните стрии, темните флеки на кожата и на лицето или поголемите стапала кои се задржуваат и после породувањето, потполно е разбирливо да се чувствувате несигурно кога станува збор за вашиот постпородилен изглед.
Доколку доите можете да се чувствувате помалку секси не само затоа што вашите гради во почетокот се натечени и болни, туку и поради тоа што тогаш се излачуваат хормони кои може да го намалат вашето либидо.
За среќа, самодовербата и желбата за секс ќе се вратат многу порано отколку што сте мислеле, само треба да си дадете време и да размислувате за сето она низ кое сте поминале и постигнале за време на вашата бременост и породување. Како и пред ова, вашиот партнер не го интересира дали имате пет килограми повеќе, а после породувањето тој е повеќе од импресиониран со вас и вашата сила, затоа слободно можете и вие.
7. Што доколку не сум заинтересирана за секс?
Тоа е сосема во ред. Интимниот однос не е само секс, особено кога се привикнувате на животот со бебе. Доколку не се чувствувате секси или се плашите дека ќе ве боли во текот на сексот, тогаш споделете ја вашата загриженост со партнерот. Додека не бидете подготвени за секс, одржувајте ја интимноста на други начини. На пример, поминувајте заедничко време без вашето бебе, без разлика дали тоа ќе бидат само неколку минути наутро или кога бебето ќе заспие навечер. Практикувајте кратки телефонски разговори и СМС пораки во текот на денот.
8. Како можам да си ја зголемам желбата за секс?
Поголемиот дел од сексуалните потешкотии ќе се решат во текот на годината по породувањето. Во меѓувреме, обидувајте се колку е можно повеќе да работите на вашето физичко и психичко здравје. На пример:
- Поставете си разумни очекувања додека се прилагодувате на родителството.
- Засакајте ги промените на вашето тело.
- Хранете се здраво и пијте многу течности.
- Редовно бидете физички активни.
- Одморајте се колку што е можно повеќе.
- Замолете го партнерот, членовите на семејството и пријателите да ви помогнат.
- Разменувајте искуства со други мајки.