8 начини да ја носите кожната јакна како вистинска Њујорчанка
Никој не може да ја носи кожната јакна толку добро како Њујорчанките. Можеби Французинките се наоѓаат на првото место за најстилизирани жени во светот, но Њујорчанките се веднаш зад нив, на високото второ место. Овие девојки се поразлични, оригинални, а нивни улични модни комбинации истовремено и нè восхитуваат и нè воодушевуваат. Токму затоа, денес позајмуваме неколку трикови од нив, поточно неколку есенски модни комбинации кои во себе вклучуваат кожна јакна. Секако, знаете дека кожната јакна е задолжително парче за оваа есен, а еве како можете да ја комбинирате со останатите есенски парчиња облека.
1. Со целосно црни модни комбинации
Кожната јакна и црното од глава до пети се една од оние комбинации кои се вечни и секогаш занимливи и инспиративни. Патики, рамни обувки или високи потпетици – изборот е ваш, а доколку сакате рок стил, ваквиот начин за стилизирање на кожната јакна треба да стане ваша мантра.
2. Со свилено здолниште и високи потпетици
Ако сакате да го споите женственото и „опасното“, тогаш носете ја кожната јакна со лесни, свилени здолништа или фустани кои изгледаат како ноќница. Целиот изглед „зачинете“ го со високи потпетици. Ако оваа модна комбинација не направи да се почувствувате како вистинска заводничка со која нема шега, тогаш не знаеме која друга би можело.
3. Со цветно здолниште и сандали на платформа
Уште една романтична, а сепак бунтовничка варијанта е спојот на кожна јакна и лелеаво здолниште со цветен дезен. За да ја зголемите бунтовничката страна, задолжително изберете платформи. Со ваквата комбинација, одлично ќе одговара посилна шминка. Откако ќе се подготвите, време е да ги освоите улиците во градот.
4. Со панталони со принт и бела кошула
Доколку сакате нешто покласично и „примерно“ за секојдневни прилики, тогаш едноставната комбинација од панталони со принт и класична бела кошула, „освежете“ ја со кожна јакна во моторџиски стил. Одберете и некои впечатливи аксесоари и заблескајте во оригинално издание, дури и во канцеларијата.
5. Со миди здолниште и блуза со натпис
Миди плисираните здолништа се доста популарни, а доколку ги комбинирате со машка блуза со натпис, ќе добиете кул модна комбинација која е одлична за некои секојдневни прилики. Секако, кожната јакна е задолжителна во овој случај.
6. Со макси фустан со принт и чизми до глуждови
Сакате да се чувствувате како во „џунглата“ во Њујорк? Тогаш совршен избор за вас е долг фустан со животински принт кој ќе го „смирите“ со кожна јакна и омилените чизми до глуждови. И ова може да биде одлична рок комбинација за бунтовничките со причина.
7. Со тесни фармерки и чизми во иста боја
Тесните фармерки и кожната јакна се љубов која ќе трае засекогаш, а ако избирате кожна јакна во некоја впечатлива боја, секогаш можете да направите одлична модна комбинација така што ќе облечете и чизми во истата боја. Монохроматскиот стил е прифатлив, дури и кога боите кои ги користите не се црна, бела или крем.
8. Со тесни фармерки и оксфордки
Или, носете ја класичната кожна јакна и оксфордки, за „момчешки“, но стилски ефект.
Како што кажавме, Њујорчанките се наоѓаат помеѓу најстилизираните луѓе во светот, па погледнете уште неколку совети како да се облекувате како Њујорчанка.