8 митови за емоциите и начините на кои тие можат да ве повредат
Луѓето многу често не говорат за своите емоции, па затоа разговорите имаат тенденција да бидат фокусирани повеќе на она што во моментот го правиме или размислуваме. Всушност, за повеќето луѓе е полесно да ја започнат реченицата со „Јас мислам…“ наместо „Јас чувствувам…“ само затоа што на тој начин им звучи помалку непријатно.
Повеќето луѓе никогаш не добиле соодветна едукација за своите емоции и затоа тие самите се обидуваат да научат социјално прифатливи начини на кои можат да се справат со нештата кои ги чувствуваат од оние околу нив. Токму затоа воопшто не е ни чудно што постојат големи заблуди за емоциите. Погледнете дел од најголемите погрешни сфаќања за емоциите кои можат негативно да влијаат врз вашата добросостојба…
1. „Треба да се чувствувам различно.“
Многу често луѓето кажуваат нешта како, „Знам дека не треба да бидам вознемирен/а за нешто толку мало“, или пак, „Навистина треба да бидам посреќен/посреќна одошто сум“. Но, реалноста е дека не постојат никакви правила кои укажуваат на погрешна емоционална реакција. Наместо да ја трошите енергијата во обвинување себеси, прифатете го она што го чувствувате во моментот и обидете се да ги препознаете изборите во начинот на кој можете да реагирате.
2. „Не можам да ги контролирам моите чувства.“
Дури и покрај тоа што вашите емоции не се погрешни, тоа не значи дека вие мора да останете заглавени подолго време во одредено расположение. Вие дефинитивно можете да направите промени кои ќе влијаат врз начинот на кој се чувствувате, така што ќе го промените вашето размислување и однесување во моментот.
3. „Исфрлањето на емоциите од себе ќе направи да се чувствувам подобро.“
Постои широко прифатено верување дека доколку не зборувате со никого за вашите чувства, вие ги „потиснувате“ вашите емоции. Но, истражувањата покажуваат дека понекогаш спротивното е вистинито, особено кога станува збор за гнев. Удирањето во перница или јавувањето на сите во вашиот именик за да им кажете колку лош ден сте имале само ќе ја зголеми вашата вознемиреност и нема да ви помогне да се чувствувате подобро.
4. „Обидувањето да ги контролирам моите емоции е исто како да се однесувам како робот.“
Некои луѓе мислат дека контролата врз емоциите значи да се однесуваат како да немаат никакви чувства. Но, тоа е далеку од вистината. Реалистичниот поглед ни покажува дека ние сме способни да искусуваме широк спектар на емоции, но тоа не значи дека тие имаат контрола врз нас. Една од најздравите навики е кога по тежок ден на работа ќе одберете да правите нешто што ќе влијае да се почувствувате подобро, наместо да дозволите да останете во тоа лошо расположение.
5. „Другите луѓе имаат целосна моќ врз моите емоции.“
Многу често луѓето кажуваат нешта како, „Мојот шеф ме разлути“, или пак, „Мојата свекрва ми прави да се чувствувам лошо за себе“. Но, реалноста е дека никој не може да ве натера да почувствувате одредена емоција. Тие можат до некој степен да влијаат врз начинот на кој се чувствувате, но вие сте оние кои имате моќ над вашите емоции и одлучувате што ќе се случува во вас. Токму затоа следен пат кога ќе ве налути шефот, запрашајте се зошто сте дозволиле неговото однесување да влијае врз вас на тој начин.
6. „Не можам да поднесам непријатни емоции.“
Кога луѓето се сомневаат во нивната способност да толерираат одредени емоции, тоа води кон избегнување. Оној кој се чувствува непријатно, со соочувањето може да избегне состанок со соработник кој може да доведе до решение на одреден проблем. Учењето како да се справувате со непријатните емоции директно ја гради самодовербата. Откако нема да им дозволите на вашите емоции да владеат со вашето однесување, вие ќе научите дека можете да поднесете многу повеќе од тоа што претходно сте верувале.
7. „Негативните емоции се лоши.“
Многу е лесно да се категоризираат емоциите како „добри“ или „лоши“, но тие самите никогаш не се позитивни или негативни. Тоа што ние одбираме да го правиме со нив е тоа што прави разлика. На пример, лутината многу често има лоша репутација. И покрај тоа што многу луѓе прават лоши избори кога се под влијание на лутината, други знаат како да ја искористат оваа емоција за продуктивна цел. Дел од најголемите позитивни промени во светот никогаш немало да настанат доколку активистите не се налутиле за одредена неправда на која биле сведоци.
8. „Покажувањето емоции е знак на слабост.“
И покрај тоа што однесувањето професионално е многу здрава социјална алатка, дури и кога не се чувствувате дека сте во вашето најдобро светло, сепак добро е доколку одвреме-навреме го спуштите вашиот штит. Тоа не само што не е знак на слабост, туку е еден вид свесност за вашите емоции и правење свесна одлука да го споделите она што го чувствувате со другите, секако доколку тоа е социјално соодветно. На овој начин вие покажувате знак за цврстина.
Развивањето свесност и разбирањето на вашите емоции може да биде многу тешко кога не сте научени да размислувате за начинот на кој се чувствувате. Но, како и повеќето способности во животот, вашата способност да препознавате, толерирате и регулирате емоции може да се подобри со соодветно вежбање. Зголемената свесност за себе е клучот за изградба на ментална цврстина и постигнување успех во вашиот личен и професионален живот.