7 знаци дека НЕ сте еден за друг
Кога една љубовна врска ќе се распадне, лесно е да се посочи виновникот. Но, неретко причината е тоа што партнерите едноставно не биле еден за друг. Подобро е да бидете свесни за ова отколку да чувате лутина и да продолжите со кавгите и наметнувањето вина. Некои луѓе едноставно не функционираат добро еден со друг. Ова се 7 знаци кои покажуваат дека не сте еден за друг и залудно трошите време градејќи врска која во основа не функционира добро.
1. И двајцата имате сосем различни начини на кои се справувате со недоразбирањата
Некои парови викаат додека се караат, други користат пцовки, трети пробуваат да најдат совесно решение. Секако, не значи дека треба да се карате или да дискутирате на сосем ист начин, што и не е можно, но доколку имате сосема погрешни начини за справување со кавги или несогласувања, тогаш замислете каква би била вашата иднина. Често ќе се случуваат недоразбирања, па доколку не знаете како заеднички да поминете преку нив, само ќе чувате омраза и бес.
2. Вие сте премногу слични или премногу различни
Од една страна тука е теоријата дека спротивностите се привлекуваат, но како ќе функционира вашата врска во иднина кога имате сосем различни ставови и гледишта за животот? Не може да бидете добар пар доколку немате ништо заедничко и ако не се стремите кон слични нешта. Но, од друга страна, доколку сте премногу слични, која е целта? Како ќе учите еден од друг, како ќе се надградувате, како ќе прифаќате туѓи мислења?
3. Не се согласувате добро со неговото/нејзиното семејство, а тој/таа не застанува на ваша страна
Кај многу парови се случува да има потешкотии при справувањето со семејствата, но доколку вашиот партнер речиси никогаш не застанува на ваша страна и не мисли на тоа како вие се чувствувате, тогаш не ја добивате поддршката која ви треба и ја заслужувате.
4. Многу често немате за што да зборувате
Ако стоите во непријатна тишина добар дел од времето, како ја замислувате вашата заедничка иднина? Ваш компатибилен партнер е оној пред кого можете да бидете свои, да кажете сè што мислите без да се воздржувате, и со кого би можеле да разговарате за сè – од смешни ситуации до крајно сериозни проблеми.
5. Навистина не ги сакате ниту ги сфаќате работите што тој/таа ги сака
Ќе се случи да не сакате иста работа, но барем ќе сфаќате зошто тој/таа му посветува толку внимание и ќе покажете разбирање. Можеби нема да делите некое хоби, но никогаш нема да чуете навреда упатена кон вас за тоа како го минувате слободното време.
6. Често ве омаловажува и не ве почитува
Отворено покажува дека не ве сфаќа сериозно но вие одбирате да ги затворите очите. Љубовта значи почит и разбирање а не потреба за докажување кој е попаметен, поуспешен итн. Доколку почувствувате дека вие имате потреба да го омаловажите вашиот партнер, или чувствувате такви вибрации од негова/нејзина страна, тогаш вашата врска паднала на многу важен тест.
7. Не ја сфаќа вашата професија сериозно
Најдете личност која го вреднува и почитува она што го работите, иако е различно од она што тој/таа го прави за да заработи за живот. Пак се враќаме на истото – за добра и успешна врска, почитта е неопходна, а тука секако спаѓа и почит кон вашата работа.