7 видови глад и како да им се спротивставите
Колку пати сме посегнале по грицките на некоја забава и сме ги изеле без размислување или пак сме нарачале некој десерт, бидејќи едноставно изгледа толку добро, а всушност воопшто не сме биле гладни. Треба да се запрашаме дали јадеме поради стресот или само затоа што се чувствуваме тажно. Би требало да ги освестиме нашите прехранбени навики и свесно да одлучуваме што и кога ќе изедеме. Постојат 7 различни видови глад на кои можеме свесно да одговориме кога ќе се создадат.
1. Гладни очи
Реагираме на она што го гледаме, па затоа убаво послуженото јадење секогаш ќе ни изгледа привлечно. За да го задоволиме гладот, можеме да ги почестиме нашите очи со храната пред да ја ставиме во устата. Ако ја јадеме вечерата додека гледаме телевизија, ја отфрламе приликата да ја цениме храната во целост. Токму затоа корисно е убаво да ја украсиме нашата чинија и да го посветиме целото наше внимание пред да ја консумираме храната.
2. Гладен нос
Она што во поголем дел од случаите го мислиме за вкусот е поврзано со мирисот на храната. Нашето чувство за мирис е почувствително отколку чувството за вкус. За да го задоволите мирисот, обидете се со вежбата на мирисање на вашата храна пред да започнете да ја јадете. На тој начин повнимателно ќе уживате во храната и во нејзината арома. Кога ќе ги почувствувате мирисите кои ви се допаѓаат (мирис на ванила или цимет) добро размислете какви емоции будат во вас.
3. Гладна уста
Она што го мислиме за вкусната храна често има врска со тоа од која земја доаѓаме и како се јадело во нашето семејство. Тоа вклучува колку сакаме нашата храна да биде солена или слатка и какви зачини преферираме. Она што во нашата земја се смета за вкусно во некоја друга е сосема неприфатливо.
4. Гладен стомак
Кркорењето во желудникот е јасен знак дека сме гладни. Сепак, тоа не мора да значи дека на нашето тело му е потребна храна. Најчесто станува збор за рефлексно чувство кое го доживуваме, бидејќи нашето тело се навикнало да јаде во тоа време. Иако го толкуваме како последен степен на изгладнетост, тоа може да биде и манифестација на анксиозност и нервоза. Кога ќе почувствувате кркорење обидете се да оцените колку сте гладни. Започнете да јадете само ако навистина ви треба храна.
5. Гладен дух
Модерните времиња од нас создадоа личности кои јадат поради анксиозност. Бомбардирани сме со разни диети и совети од нутриционистите, а внатрешниот глас ни говори што би требало да јадеме, а што не. Кога нашите прехранбени навики ќе се најдат во „расправија“ со најновите нутриционистички откритија, ние сме помеѓу она што го сакаме и она што не треба да го јадеме. Смирете се и фокусирајте се на своите желби и потреби. Тоа ќе ви помогне да ги чувствувате сигналите кои ви ги испраќа телото.
6. Гладно срце
Што и кога јадеме во поголемиот дел од случаите е поврзано со нашите емоции. Можеби ќе копнееме за одредена храна, бидејќи сме ја јаделе во детството или затоа што ја поврзуваме со храна која ни дава утеха. Понекогаш јадеме за ја намалиме емоционалната болка. Обидете се да откриете кои емоции ги чувствувате пред да се одлучите за грицки и можеби ќе пронајдете друг начин како да ги задоволите. Повикајте некој пријател или испијте една шолја чај.
7. Вистински глад
Вистинскиот глад е оној вид глад кој бара надополнување на потрошената енергија низ консумирање хранливи состојки кои му се потребни на нашиот организам. Кога сме биле мали интуитивно сме знаеле кога сме гладни и за што копнеело нашето тело, но со тек на времето сме ја изгубиле таа способност. Сепак, можно е да ја почувствувате таа потреба исто како што сте го знаеле тоа во детството.